СЕ РЕКОНСТРУИРА УНИВЕРЗИТЕТСКАТА КЛИНИКА ЗА ФИЗИКАЛНА МЕДИЦИНА И РЕХАБИЛИТАЦИЈА Инвестицијата изнесува 92,7 милиони евра
Парите се обезбедени преку грант од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, како и со инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Започнува реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје со која ќе се подобрат условите за пациентите и медицинскиот персонал и значително ќе се зголеми енергетската ефикасност на објектите.
Инвестицијата, како што соопшти Министерството за финансии, е вредна 92,7 милиони денари без ДДВ, грант средства обезбедени од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, како и со инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти, со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри.
Предвидените градежни активности опфаќаат поставување термичка изолација на фасадите и покривните конструкции, замена на постојната дотраена столарија со нова енергетски ефикасна столарија, санација на делови од објектите и санитарните јазли, како и замена на постојното осветлување со современи енергетски ефикасни LED-системи.
Во рамките на реконструкцијата ќе се модернизираат и системите за греење и ладење преку инсталирање високоефикасни топлински пумпи и вентилоконвектори. Со тоа ќе се замени досегашниот систем за загревање на мазут, што ќе придонесе за намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за функционирање на установата и намалување на негативното влијание врз животната средина.
Со реализацијата на проектот се очекува значително подобрување на енергетските карактеристики на клиниката, но и создавање посовремена, пофункционална и поквалитетна здравствена средина за пациентите и медицинскиот персонал.