📷 НЕВРЗАНИТЕ ПОВТОРНО СЕ СОСТАНАА ВО БЕЛГРАД Движењето создадено во Студената војна бара нова улога во поделениот свет
Главната порака на состанокот е повторно потврдување на принципите на суверенитет, територијален интегритет, немешање во внатрешните работи, почитување на меѓународното право и на мултилатерализмот, во време кога светот повторно е обележан со големи геополитички поделби и војни
Белград денеска и утре е домаќин на висок состанок по повод 65 години од првата конференција на Движењето на неврзаните, одржана токму во тогашната југословенска престолнина во септември 1961 година.
На собирот учествуваат претставници на земјите од историското јадро на Движењето, како и на актуелната „тројка“ – Уганда, Азербејџан и Узбекистан. Главната порака на состанокот е повторно потврдување на принципите на суверенитет, територијален интегритет, немешање во внатрешните работи, почитување на меѓународното право и мултилатерализмот, во време кога светот повторно е обележан со големи геополитички поделби и војни.
Белград и Гобалниот Југ
Српскиот претседател Александар Вучиќ е домаќин на собирот и во Белград одржува низа билатерални средби со претставници на земјите учеснички. За Србија, одбележувањето има и силна политичка димензија: Белград настојува да ги зајакне врските со земјите од таканаречениот Глобален Југ и да ја истакне својата политика на независно дејствување на меѓународната сцена. Прашањето за Косово, според анализите и изјавите пред состанокот, неизбежно се наметнува во билатералните разговори, бидејќи Србија во голем дел од земјите на Движењето гледа важни партнери во одбраната на принципот на територијален интегритет.
Вучиќ им се обрати на сите присутни за време на пленарната седница и потсети дека главното мото на неврзаните е дека светот им припаѓа на сите, а не само на оние кои имаат политичка и воена моќ.
Секоја земја има еднаков глас
Во време кога темелите на глобалниот поредок се тресат пред налетот на селективниот пристап до меѓународното право, нагласи Вучиќ, неврзаните остануваат најважното засолниште на мултилатерализмот, бранејќи ја идејата дека светот мора да им припаѓа на сите.
– Неврзаните се посветени на Повелбата на ООН, во која секоја земја има еднаков глас. Србија го зачувува наследството од првата конференција на неврзаните. И особено сакам да ја изразам мојата благодарност што огромното мнозинство земји ја поддржуваат Србија во зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет. Нашите партнерства не се само спомен на славното минато, туку е ефикасен сојуз – рече Вучиќ.
Овој град ги познава вашите знамиња и борба, и со иста жар ја споделува вашата верба во поубава и поправедна иднина за човештвото, додаде претседателот на Србија.
Тој рече и дека ова движење останува посветено на принципот на мултилатерализам, како и дека денес ни е потребен повеќе од кога било, без оглед на фактот дека многумина мислат дека е застарен.
Либертаријански меѓународен поредок
Вучиќ потсети на историскиот контекст во времето на создавањето на Движењето на неврзаните, но и на примената на законот на посилниот во денешниот свет.
– Сведоци сме на нови војни и вооружени конфликти, растечка недоверба меѓу силите, нарушувања во трговските текови, климатски промени… Затоа мора да се обединиме и да застанеме заедно како бранител на праведен и либертаријански меѓународен поредок. Браќа и сестри, некои би рекле дека Движењето на неврзаните е надминато и дека треба да нè обединат големите сили. Јас велам дека ова е заблуда и дека мора да се собереме – рече Вучиќ.
Тој изјави и дека оние што го создадоа Движењето на неврзаните не создадоа политички сојуз, туку поставија цврсти темели за најдемократската платформа во рамките на Обединетите нации, каде што одлуките не се донесуваат во некои ексклузивни кабинети на големите сили, туку преку искрен дијалог на сите оние што го делат истиот сон за слобода.
Претседателот на Србија, исто така, потсети на она што го нарече незаборавни зборови на претседателот на Гана, Кваме Нкрума: „Да се организираме, не за да бидеме дел од поделениот свет, туку за да го создадеме одново како заедница на слободни луѓе“.
– Гласот на малите нации е посилен од кој било арсенал оружје. Ставот на Југославија, а со тоа и на Србија, беше дека мирот не се зачувува со страв, туку со континуиран дијалог, меѓусебно почитување и непоколеблив суверенитет на секоја земја – рече Вучиќ.
Идеите на Неврзаните повторно се актуелни
Меѓу најважните пораки што ги носат претставниците на земјите учеснички е дека идеите на Неврзаните повторно добиваат актуелност. За многу земји од Африка, Азија и Латинска Америка, Неврзаните и денес претставуваат платформа преку која можат да настапуваат со заеднички позиции за мирот, безбедноста, економскиот развој и меѓународните односи, без автоматски да се приклучат кон интересите на некој од големите центри на моќ.
Движењето на неврзаните се роди во екот на Студената војна, кога светот беше поделен меѓу западниот блок предводен од САД и источниот блок предводен од Советскиот Сојуз. Неговите идеолошки корени се поврзуваат со Конференцијата во Бандунг во Индонезија во 1955 година, а првиот самит беше одржан во Белград од 1 до 6 септември 1961 година. Клучни личности во создавањето на Движењето беа југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, индискиот премиер Џавахарлал Нехру, египетскиот претседател Гамал Абдел Насер, индонезискиот лидер Сукарно и претседателот на Гана, Кваме Нкрума. На првата конференција учествуваа 25 држави.
Основната идеја не беше едноставно „неутралност“, туку правото на новите независни држави да водат сопствена надворешна политика. Неврзаните се спротивставуваа на колонијализмот и расизмот, се залагаа за мирно решавање на споровите, разоружување, почитување на суверенитетот и за еднаквост на државите. Во времето на Студената војна, Движењето имаше значителна политичка тежина, особено во Обединетите нации, каде што бројноста на неговите членки им овозможуваше на земјите од Азија, Африка и Латинска Америка да имаат многу поголемо влијание врз глобалните прашања.
Денес Движењето на неврзаните брои 120 полноправни членки, што го прави вториот најголем меѓународен форум на држави по Обединетите нации. Неговиот највисок орган е самитот на шефови на држави и влади, кој, по правило, се одржува на секои три години. Последниот, 19. самит, се одржа во јануари 2024 година во Кампала, Уганда, каде што Уганда го презеде тригодишното претседавање до 2027 година. Во меѓувреме се одржуваат и состаноци на министрите за надворешни работи и други тела на Движењето.
Собирот во Белград не е редовен трогодишен самит на Неврзаните, туку комеморативен состанок по повод 65-годишнината од нивната прва конференција. За Србија, тој е и можност повторно да се поврзе со дипломатското наследство на поранешна Југославија и со земјите со кои Белград традиционално има блиски односи. За самото Движење, пак, собирот е обид да се покаже дека, иако светот од 1961 година драматично се променил, прашањата поради кои Неврзаните биле создадени – суверенитетот, влијанието на големите сили, војните, економската нееднаквост и правото на помалите држави на сопствен глас – повторно се меѓу централните теми во глобалната политика.