СЕ ПРАВИ СТРАТЕГИЈА ЗА СЕКСУАЛНО И РЕПРОДУКТИВНО ЗДРАВЈЕ 2026-2030 Кои области ќе бидат приоритет?
Министерството за здравство информира дека е во тек процедурата за усвојување нова Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје за периодот 2026–2030 година, придружена со Акциски план за имплементација 2026–2028.
Стратегијата е изработена со поддршка од Канцеларијата на СЗО, Скопје, Канцеларија на УНФПА – Скопје и МАГО со учество и на граѓански организации кои работат на областа, како и здравствени институции и релевантни министерства.
– Новата стратегија се темели на следните начела: мултисекторски пристап кон унапредување на здравјето, интеграција на јавното здравје, образованието и социјалната заштита, усогласеност со политиките на Европската Унија и Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА), фокус на човековите права и обезбедување еднаков пристап до здравствени услуги – информира Нермина Факовиќ, координатор за еднакви можности при Министерството за здравство на 10. состанок на секторската група за здравство.
Стратегијата предвидува конкретни мерки и активности во следните приоритетни области:
– Планирање на семејството и третман на инфертилитет;
– Безбедно мајчинство и здравје на новороденчиња;
– Сексуално преносливи инфекции (СПИ) и малигни неоплазми;
– Сексуално и репродуктивно здравје на адолесценти;
– Родово-базирано насилство;
– Менопауза и кризни состојби.
– Во рамките на стратешкиот период 2026–2030, предвидени се следните главни цели: подобрување на пристапот до здравствени услуги за сите граѓани, подигнување на јавната свест за сексуалното и репродуктивното здравје, јакнење и зголемување на капацитетот на здравствениот систем, обезбедување интегрирани и квалитетни здравствени услуги, подобро управување со податоци и здравствени информации – вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Министерството за здравство ги вклучува сите засегнати страни, стручни здруженија, граѓански организации и јавноста во процесот на консултации и финализирање на Стратегијата.