СЕ КОСИ ТРЕВАТА НА СКОПСКО КАЛЕ Двата музеја на тврдината конечно ќе се реновираат
Целта е до 2028 година кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата овој простор да биде еден од најискористените.
На Скопското Кале денеска започна акција за средување на вегетацијата. Просторот подолго време е обраснат со висока и сува трева. Наскоро ќе почне и обнова на двата музеја кои се наоѓаат на тврдината.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска при посетата на Калето заедно со претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски и со неколку градоначлници на скопските општини, истакна дека симболот на нашата историја и култура последниве десетина години е девастиран и без никакво внимание. Тој рече дека состојбата со двата музеја на Калето е лоша и тие ќе треба комплетно да се обноват и да се климатизираат.
– Направивме план и со ребалансот на буџетот обезбедивме осум милиони денари (околу 130.00 евра) коишто ќе бидат искористени до крајот на годинава. Веднаш ќе распишеме јавна набавка за поправка на овие простории – рече Љутков.
Целта е до 2028 година кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата овој простор да биде еден од најискористените.
Директорката на Управата за заштита на културно наследство Весела Честоева информираше дека Управата ја спремила техничката спецификација.
– Ќе го распишеме тендерот за да може да се влезе и да се отпочне со работа. Управата за заштита на културно наследство во изминатиот период во неколку обиди проба да стапи во контакт со Градот Скопје, со ЈП Паркови и зеленило. За жал, неуспешно. Затоа како Управа инициравме до ЗЕЛС, до Орце Ѓоргиевски и наидовме веднаш на одговор и по тој повод е и денешната акција која што е дел од планот за ревитализација на скопската тврдина Кале – појасни Честоева.
Според претседателот на ЗЕЛС и актуелен градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓоргиевски, за историјата не треба да се пишува само на Фејсбук и да се дебатира, туку треба да се покаже со практични примери.
– Мене ми е жал, искрено, за состојбата во која што се наоѓа не само овој објект, туку и многу други објекти – истакна Ѓорѓиевски, кој е и кандидат за градоначалник на Град Скопје.
Тој ветува дека после локалните избори и Калето, но и сите други објекти во Градот Скопје коишто се историски симбол во градот, ќе имаат посебен третман.