СЕ КАПЕЛЕ КОГА ВОДАТА НАГЛО НАДОШЛА Две деца и 18-годишник извлечени од Треска

Две 15-годишни лица и едно 18-годишно лице биле повлечени од силниот воден тек по зголемен испуст од браната „Матка“. Сите се спасени живи и без видливи повреди.

0

Три лица се спасени откако биле однесени од надојдената вода во реката Треска додека се капеле, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пријавата била примена преку Единствениот број за итни повици 112, откако граѓани алармирале дека лица биле повлечени од силниот воден тек предизвикан од зголемен испуст од браната „Матка“ за потребите на производство на електрична енергија.






Во водата биле однесени две малолетни лица на возраст од 15 години и едно 18-годишно лице. Едното од малолетните лица било веднаш извлечено од реката, додека другите две лица биле пронајдени низводно по течението на Треска.

Сите три лица се спасени, живи се и немаат видливи повреди, соопшти ЦУК.

По добиената информација, Центарот за управување со кризи веднаш ја координирал акцијата за спасување и побарал ангажирање на повеќе институции – Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Општина Сарај, ХЕЦ „Матка“, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Итната медицинска помош.

Директорот на ЦУК, Али Мухамет, веднаш пристигнал на местото на настанот, каде ја следел и координирал интервенцијата.

Во акцијата учествувале припадници на Територијалната противпожарна единица, полициски службеници, екипа на Итната медицинска помош, како и жители на Општина Сарај кои помогнале во спасувачката акција.

Од ЦУК упатуваат апел до граѓаните да бидат особено внимателни при престој покрај реки и езера, особено во близина на брани и хидроенергетски објекти, каде нивото и брзината на водата може нагло да се променат поради контролирани испусти.

Поврзани содржини