СЕ ЕКИПИРА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ХРАНА Направени повеќе од 12.000 контроли од почетокот на годината
Уништени 56 тони небезбедна храна и се изречени 1.325 мерки, вклучувајќи 260 парични казни, временски забрани за работа и прекршочни пријави
Повеќе од 12.000 инспекциски контроли во внатрешниот промет на храна се спроведени од почетокот на 2025 година, при што се уништени 56 тони небезбедна храна, информира денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, на трибина по повод Светскиот ден на безбедна храна.
Тој рече и дека за прекршоците се изречени 1.325 мерки, вклучувајќи 260 парични казни, временски забрани за работа и прекршочни пријави
Во своето излагање на трибината за подигнување на јавната свест за сигурноста на храната, Миланов истакна дека се спроведуваат дополнителни контроли за секоја пратка што се увезува во државата.
-Од почетокот на годинава, како небезбедни вратени се 10 пратки, најголемиот дел поради увоз од забранети региони и држави – рече тој.
Според Миладинов, од почетокот на годинава досега, преку Одделението за заштита на потрошувачите поднесени се повеќе од 360 иницијативи за вршење на инспекциски надзор.
-Како најчесто наведени наводи поврзани со безбедноста на храната се непочитување на ДХП и HACCP (36 иницијативи), продажба на производи со поминат рок на употреба (26), работа без одобрение (24), присуство на контаминенти во производ (17), сомнеж за труење со храна (16), продажба на производи со променети органолептички својства (16), измама на потрошувачи (14), сомнеж во квалитетот на производот (5) – информира Миланов.
Тој додаде дека АХВ се доекипира со инспектори.
-Во моментов имаме 186 инспектори. Во АХВ веќе завршија дел од огласите, но ќе имаме уште огласи до крајот на годината додека. Зацртан ни е бројот од уште 50-на инспектори – рече Миланов.