СДСМ ШИРИ ЛАГИ ЗА ТОМОВСКИ ЗА ДА ГО ПОКРИЕ ЗАЕВ Жесток одговор на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на СДСМ

Партијата тврди дека обвиненијата за 161 тендер и 5,3 милиони евра се невистини и дека СДСМ измислува скандали за да го прикрие криминалот од минатото.

0

ВМРО-ДПМНЕ одговори на обвинувањата што ги изнесе СДСМ на прес-конференција, отфрлајќи ги како „лажни конструкции“ и „обиди за прикривање на криминалите од минатото“. Од партијата порачаа дека директорот на СОЗР, Ивица Томовски, не сторил никаква злоупотреба и дека, како што рекоа, СДСМ повторно измислува скандали без да провери елементарни факти.

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, одговори на новинарско прашање за наводните злоупотреби поврзани со Томовски, нагласувајќи дека „донаторството“ не претставува никакво незаконско дејствие.






– Каде е тука криминалот? Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ како и илјадници други, а податоците се јавно достапни – изјави Манасиевски, коментирајќи ги обвинувањата на СДСМ дека семејната фирма на Томовски добила 161 тендер вреден 5,3 милиони евра.

Тој додаде дека тимот за одбрана на криминалот на Заев и Филипче мислат дека откриле Америка, но всушност, како што рече, изнесуваат невистини.

– Наместо текстовите да им ги пишува Зоран Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите со релевантни и стручни лица. Тие ќе им кажат дека ова е само димна завеса за прикривање на криминалот на Заев – рече Манасиевски.

Тој оцени дека е лага тврдењето дека Томовски преку фирма добил милионски тендери, бидејќи, како што потенцираше, тој нема фирма и нема приходи од компанијата што СДСМ ја споменува.

Манасиевски детално објасни и дека бројот на фирмата не е поврзан со личниот број на Томовски, како што тврдеше СДСМ, додавајќи дека во овие три наврати се потврдува дека СДСМ лаже.

– Но, го прашуваме Филипче: дали не е криминал што додека тој беше министер, вицепремиерот Кочо Анѓушев ги градеше модуларните болници, од кои една се запали и загинаа 14 луѓе? Кога ќе го испитаат овој случај? – додаде тој.

Од СДСМ на прес-конференцијата претходно тврдеа дека скандалот со семејната фирма на Томовски станува јасен и покажува шаблон на злоупотреби.

Портпаролката Богданка Кузеска изјави дека контакт бројот на Томовски бил поврзан со фирмата, а негови роднини биле дел од сопственичката структура.

– Затоа е нервозата, затоа што се фатени живи! – изјави Кузеска.

Таа тврдеше дека семејната фирма добила 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра и дека донаторството на Томовски и неговиот зет Кутановски за ВМРО-ДПМНЕ покажува поврзаност на парите и политиката.

– АКТ на СДСМ го следеше трагот на парите: Томовски само во 2021 година донирал 8.000 евра. Редовно уплаќал 499.700 денари, 100.000 денари, 70.000 денари… Се е јасно, вака парите завршуваат во белата палата – рече таа.

Од СДСМ побараа ДКСК и Јавното обвинителство да отворат истрага за конфликт на интереси и корупција во врвот на владата.

– Крадењето на народот мора да престане. Работата не е завршена – додаде Кузеска.

Поврзани содржини