СДСМ ОСТАВИ КАТАСТРОФАЛНО НАСЛЕДСТВО ВО КУЛТУРАТА Извинувањето од министерот Љутков е коректен гест, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Јавноста добро памети кој ја газеше културата, кој ја претвори во мрежа на партиски вработувања и кој го користеше Министерството за култура како алатка за наградување на блиски личности и фаворизирани „уметници“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ за министерот за култура Зоран Љутков.

332

СДСM да не глуми загриженост за културата – тие ја претворија во партиска каса и платформа за криминал, реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од опозицијата за министерот за култура Зоран Љутков и барањето за негова оставка.

„СДСМ денес, кога се прославува Велигден, дрско повторно се обидува да го дефокусира вниманието од катастрофалното наследство што ѝ го остави на Македонија во културата. Јавноста добро памети кој ја газеше културата, кој ја претвори во мрежа на партиски вработувања и кој го користеше Министерството за култура како алатка за наградување на блиски личности и фаворизирани „уметници“. Да потсетиме: Во времето на СДСМ, од културата се делеа грантови без јасни критериуми, а дел од тие средства завршуваа кај лица блиски до партијата, дури и за проекти што никогаш не се реализираа. Последната министерка за култура во времето на Заев, заедно со други функционери, беше под лупа поради финансиски злоупотреби и вработувања на сопартијци и роднини“, се вело во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.






Фестивалите и културните институции, се додава, добиваа средства според партиска подобност, а не според квалитет, традиција и значење.

„Во исто време, министрите и функционерите на СДСМ беа единица мерка за разузданост: службени автомобили и патувања се користеа за приватни цели; хонорари и договори „во четири очи“ се делеа меѓу себе, како да се дел од нечија приватна фирма, а не државна институција; функционери фатени со раката во медот беа унапредувани или преместувани, наместо да бидат санкционирани; си купуваа маички и плаќаа авио-карти за егзотични дестинации од разбеснетост – кои потоа ниту ги користеа“, соопшти владејачката партија.

Извинувањето на именувано лице е коректен гест што јасно покажува разлика во пристапот, се додава во соопштението.

„За разлика од времето на СДСМ, кога грубите навреди и дисквалификации врз уметници и институции беа секојдневие, денес имаме отчетност, одговорност и сериозен однос. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на вистинските вредности во културата – без привилегирани, без партиски кланови, туку со поддршка за сите што навистина творат, вложуваат и придонесуваат. СДСМ нема никаков кредибилитет да говори за достоинството на културните работници – тие беа тие што најмногу ги понижија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ денеска соопштија дека не вреди извинувањето на министерот за култура Љутков.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ направи груб и срамен удар врз културните работници токму во пресрет на големиот христијански празник Велигден. Наместо со зголемени плати, како што беше договорено со колективниот договор од 2021 година, вработените во културата празниците ги дочекаа без плата. Од мартовската плата требаше да започне корекција на примањата во согласност со потпишаниот колективен договор. Наместо тоа, културните работници беа игнорирани и дискредитирани со манипулативни изјави од самото Министерство – дека не работеле доволно, дека не ја заслужуваат платата, дека платите биле високи“, соопшти СДСМ.

Ваквиот однос покажува целосна незаинтересираност на Владата за оние што ја носат културата на грбот, се додава во соопштението.

“СДСМ прашува, зошто не се почитува колективниот договор? Зошто културните работници се навредуваат од страна на институцијата што треба да ги штити? Ако Љутков ако не е способен да ги исполни обврските, нека си поднесе оставка. Културните работници не се статисти во општеството. Тие создаваат вредности, чуваат традиција, ја градат колективната свест. И заслужуваат третман со достоинство, а не молк, навреди и игнорирање“, соопшти СДСМ.

Поврзани содржини