САНДРА БУЛОК ПРВПАТ ОТВОРЕНО ЗА СТРАШНАТА БОЛЕСТ ОД КОЈА Ѝ ПОЧИНА ПАРТНЕРОТ „Не смеев да зборувам, тој не сакаше“

Актерката откри дека желбата на нејзиниот долгогодишен партнер Брајан Рендал била јавноста да не дознае за неговата дијагноза, поради што со години морала да молчи за сè низ што поминувале.

0

Сандра Булок за првпат отворено проговори за едно од најтешките и најтрауматичните поглавја во својот живот – долгогодишната борба на нејзиниот партнер Брајан Рендал со амиотрофичната латерална склероза (АЛС), од која почина во август 2023 година, на 57-годишна возраст.

Холивудската актерка гостуваше во подкастот „SmartLess“, каде што се присети на периодот во кој целото семејство се соочувало со тешката дијагноза. Рендал три години се борел со оваа сериозна невродегенеративна болест, а Булок откри дека токму неговата желба била јавноста да не дознае низ што минуваат.






– Ме замоли да не го споделувам тоа. Не смеев да зборувам за тоа. Тоа беше негова желба и се обидов да ја почитувам – рекла актерката.

Но, чувањето на тајната имало висока цена за неа. Особено за време на пандемијата на коронавирусот, Булок се чувствувала исклучително осамено, бидејќи морала сама да го носи товарот на ситуацијата и истовремено да ја почитува приватноста на човекот што го сака.

– Знам зошто не сакаше да го споделам тоа со другите, но тоа ме изолираше во целиот процес. Носев огромен товар – признала таа.

Булок во оваа пригода првпат зборуваше детално за еден од најтешките периоди во животот откако со години ја чувала приватноста на партнерот и нивното семејство. Меѓудругото, таа откри и дека започнала да тагува за Рендал многу пред неговата смрт.

– Почнав да тагувам за Брајан четири години пред да почине – рекла актерката, објаснувајќи дека нејзиниот долгогодишен партнер бил болен во речиси половина од нивната врска.

Рендал, кој во младоста работел како модел, а подоцна станал фотограф, ја запознал Булок во 2015 година. Истата година нивната врска била јавно потврдена кога заедно се појавиле на свадбата на Џенифер Анистон и Џастин Теру.

Двојката заедно ги одгледувала посвоениот син на Булок, Луис, и ќерката Лајла, а биле блиски и со Скајлар, ќерката на Рендал од претходната врска.

Актерката објаснила дека најтешко ѝ било поради децата, особено поради Лајла, која Рендал го доживувала како татковска фигура. Во почетокот за неговата дијагноза знаела само сестрата на Сандра, Гезин, а подоцна таа им се доверила и на блиски пријателки, меѓу кои Џенифер Анистон и Аманда Анка.

Булок се присетила и на исцрпувачкиот пат до дијагнозата, со бројни прегледи и тестирања. Иако, како што вели, самата болест не ѝ била најголемиот страв, тешко ѝ паднало да гледа како човекот што го сака постепено се менува.

– Мојот човек си замина многу пред да си замине неговото тело – рекла таа.

По неговата смрт Булок се повлече од јавноста за да си посвети време себеси и на децата.

Поврзани содржини