Сакате да бидете пекар и сте невработен, Занаетчиската комора бесплатно ќе ве обучи
Обуката ќе се спроведува во период од четири месеци, а ќе содржи теоретски и практичен дел.
Занаетчиска комора Скопје ги повикува невработените лица да се пријават на бесплатна обука за пекар, поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.
– Ова претставува можност заинтересираните лица да се стекнат со нови вештини со кои ќе станат поконкурентни на пазарот на трудот и полесно ќе можат да се вработат. Обуката ќе се спроведува во период од четири месеци, а ќе содржи теоретски и практичен дел. Сите кандидати коишто успешно ќе ја завршат обуката ќе се стекнат со сертификат за завршена Програма за образование на возрасни за пекар – велат од Занаетчиската комора.
Заинтересираните невработени лица можат да добијат повеќе информации и да се пријават на обуката на телефонските броеви: +3892 3237 850 или +38978 312 134 или на [email protected]. Повикот ќе биде отворен додека целосно не се пополни предвидениот број на кандидати.
– Ова занимање е едно од многуте дефицитарни занимања во занаетчискиот сектор. Занаетчиската комора Скопје и во услови на пандемија од ковид-19 се бори да најде решение за занаетчиските дејности кои се соочуваат со дефицит на кадар кој поседува вештини и компетенции за директно вклучување во работниот процес – велат од Комората.