САКАШ ДА СЕ ВРАТИШ ВО РИМ? ПРВО ПЛАТИ Фрлањето паричка во Ди Треви повеќе не е бесплатно

Поради пренатрупаност и безбедносни проблеми, туристите од февруари ќе плаќаат за пристап до една од најпознатите фонтани во светот.

235

Посетата на една од најпознатите туристички атракции во Рим, фонтаната Ди Треви, од февруари ќе се наплаќа. Туристите ќе треба да платат две евра за да ѝ се доближат, додека жителите на италијанската престолнина ќе имаат бесплатен пристап.

Одлуката ја соопшти градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери, кој посочи дека мерката се воведува поради огромната гужва и зачестените кражби во околината на фонтаната. Според проценките на градските власти, новиот систем на контролиран пристап на градот ќе му донесе околу 6,5 милиони евра годишно.






Фонтаната Ди Треви дневно ја посетуваат околу 30.000 луѓе, што со години создава сериозен притисок врз просторот и безбедноста. Туристите кои нема да сакаат да платат две евра ќе можат да ја разгледуваат фонтаната од поголема оддалеченост, надвор од контролираниот дел.

И покрај воведувањето наплата, традицијата на фрлање паричка во фонтаната останува непроменета. Според верувањето, тоа носи среќа и повторно враќање во Рим, а собраните пари и понатаму ќе се донираат на хуманитарната организација „Каритас“.

Воведувањето наплата за туристички атракции не е изолиран случај. Италијанските власти во последните години преземаат слични мерки со цел заштита на културното наследство и контрола на масовниот туризам. Така, во 2023 година беше воведена наплата за влез во Пантеонот, додека Венеција лани почна да наплаќа туристичка такса за влез во централното градско подрачје во периодите со најголема посетеност.

Поврзани содржини