САКАМ ИЛОН МАСК ДА НАПРЕДУВА Трамп неочекувано ја поддржа компанијата „Тесла“, чиишто акции вртоглаво паѓаат
Претседателот на САД, Доналд Трамп, посочи дека нема намера да ги уништи компаниите на милијардерот Илон Маск, нагласувајќи дека нивниот успех е од корист за целата земја.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се огласи на социјалните мрежи во четвртокот наутро во поддршка на автомобилската компанија на Илон Маск – неочекуван развој на настаните со оглед на нивната досегашна остра јавна расправија.
„Сакам Илон, и сите бизниси во нашата земја, да напредуваат“, напиша Трамп на својата социјална платформа Трут сошал (Truth Social).
Но, објавата не беше доволна за да им помогне на акциите на „Тесла“, кои нагло паднаа откако компанијата пријави уште еден квартал со слаби финансиски резултати, а Маск предупреди дека следуваат „тешки квартали“ до следната година. Акцијата на „Тесла“ падна за 8,2% и сега е во минус од повеќе од 24% од почетокот на годината.
Во средата доцна вечерта, „Тесла“ соопшти дека приходите ѝ се намалиле за 12%, а профитот паднал за 16% во вториот квартал (април-јуни). Многу потенцијални купувачи се одвратени од тоа што Маск се вмеша во десничарска политика, а конкуренцијата се засили на клучни пазари како Европа и Кина.
Инвеститорите беа вознемирени и од расправијата на социјалните мрежи меѓу Маск и претседателот бидејќи Трамп претходно се закани дека ќе возврати со укинување на владините договори и поволности за компаниите на Маск, вклучително и „Тесла“.
Но, во четвртокот наутро, Трамп настапи со сосема поинаков тон:
„Сите велат дека јас ќе ги уништам компаниите на Илон со тоа што ќе укинам некои или сите големи државни субвенции што ги добива од Владата на САД. Тоа не е вистина! Во колку подобра состојба се тие, толку подобро им оди на САД, а тоа е добро за сите нас“, напиша Трамп.