САД СЕ СЕЌАВААТ НА ТЕРОРИСТИЧКИТЕ НАПАДИ ОД 2001 ГОДИНА Комеморации во време на политички тензии

Во терористичките напади на џихадистичката група Ал-Каеда, кои беа извршени со патнички авиони врз Светскиот трговски центар во Њујорк и врз Пентагнон, загинаа 2.977 луѓе

77

Граѓаните на САД денеска ќе ја одбележат 24-годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година со церемонии, волонтерски активности и со оддавање почит на жртвите, објавија американските медиуми.

Многу од роднините на речиси 3.000 луѓе кои загинаа во нападите ќе им се придружат на високите личности и политичарите кои учествуваат на церемониите во Њујорк, Пентагон и во Шенксвил, Пенсилванија.






Во терористичките напади на џихадистичката група Ал-Каеда загинаа 2.977 луѓе, вклучувајќи многу финансиски работници во Светскиот трговски центар во Њујорк, како и пожарникари и полицајци кои се упатија кон запалените кули близначки во обид да спасат што е можно повеќе луѓе.

Комеморациите доаѓаат во време на зголемена политичка тензија во САД. Годишнината од нападите, која често се смета за ден на национално единство, доаѓа неколку часа по убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк на универзитет во Јута. Властите изјавија дека се очекува убиството на Кирк да предизвика зголемена безбедност за церемонијата, која ќе се одржи на локацијата на поранешниот Светски трговски центар во Њујорк, кој се урна при нападот со патнички авиони.

За време на комеморацијата на Нултата точка во долниот Менхетен, на која ќе присуствуваат потпретседателот Џеј Ди Венс и неговата сопруга Уша, роднините на загинатите ќе ги прочитаат гласно имињата на жртвите. Моментите на молчење ќе ги одбележат точните моменти кога киднапираните авиони ги погодија кулите на Светскиот трговски центар и моментите кога тие се урнаа.

Во Пентагон во Вирџинија, ќе им се оддаде почит на 184-те војници и цивили кои загинаа во нападот на објектот на Министерството за одбрана на САД. Претседателот Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп ќе присуствуваат на церемонијата, а потоа ќе присуствуваат на бејзбол натпреварот од Националната лига во Бронкс помеѓу Њујорк Јенкис и Детроит Тајгерс вечерва.

И на тревник во близина на Шенксвил, Пенсилванија, на слична церемонија, обележана со момент на молчење, читање на имиња и положување венци, ќе им оддаде почит на жртвите на летот 93, киднапираниот авион што се урна откако членовите на екипажот и патниците се обидоа да влезат во пилотската кабина. Ќе присуствува инистерот за ветерани, Даг Колинс.

Луѓето низ целата земја ја одбележуваат годишнината со различни активности и добротворни акции како дел од Националниот ден на сеќавање и служба. Волонтерите ќе делат облека и храна, ќе чистат паркови и населби, ќе даруваат крв и ќе имаат други активности.

Нападите од 11 септември имаа глобално влијание и го променија текот на американската политика, како на домашен, така и на меѓународен план. Тие доведоа до „глобална војна против теророт“ и војните во Авганистан и Ирак, како и придружните конфликти, во кои загинаа стотици илјади воени и цивилни животи.

Иако киднаперите кои ги урнаа авионите во зградите беа убиени во нападите, американската влада се бори да го заврши долгото судење против човекот обвинет за организирање на заговорот, Халид Шеик Мохамед. Поранешниот лидер на Ал Каеда беше уапсен во Пакистан во 2003 година и однесен во американската база во заливот Гвантанамо на Куба, но судењето никогаш не се одржа.

Поврзани содржини