САД СЕ ОГРАДУВААТ, РУСИЈА Е ВОЗНЕМИРЕНА, КИНА УДРИ ПО ИЗРАЕЛ Како реагира светот на новиот судир меѓу Ерусалим и Техеран?

По воздушните напади на Израел, кои Ерусалим ги нарече превентивни, светските сили реагираа со повици за воздржаност и изразија загриженост за регионалната стабилност. Некои изразија разбирање за израелските позиции, додека, пак, други го истакнаа правото на Иран на територијален суверенитет.

857

Конфликтот меѓу Израел и Иран може да ескалира, сценарио што предизвика лавина реакции од светските сили кои повикуваат на воздржаност и на деескалација.

САД се оградуваат од израелскиот напад






Државниот секретар на САД, Марко Рубио, денеска изјави дека земјата на никаков начин не е поврзана со нападот на Израел врз цели во Иран и дека Израел презел еднострани дејствија.

„Ние не сме вклучени во нападите врз Иран и наш врвен приоритет е заштитата на американските сили во регионот“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Како што рече Рубио, Израел ги информирал САД дека оваа акција е неопходна за нивна самоодбрана.

– Претседателот Трамп и администрацијата ги презедоа сите потребни чекори за да ги заштитат нашите сили и да останат во близок контакт со нашите регионални партнери. Да бидам јасен: Иран не треба да ги таргетира американските интереси или персонал – рече Рубио.

Израел ги нападна Техеран и другите ирански градови преку ноќ, објаснувајќи дека станува збор за „превентивни напади“.

Русија е загрижена поради израелските напади

Русија ја осудува острата ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран и изразува загриженост по израелските напади врз Иран, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од локалните медиуми.

„Русија е вознемирена и ја осудува острата ескалација на тензиите“, рече Песков.

Тој додаде дека по наредба на претседателот Владимир Путин, Министерството за надворешни работи на Русија наскоро ќе објави соопштение за ситуацијата, која потоа ќе биде дистрибуирана до ОН.

Руте: „Ова е еднострана акција од страна на Израел“

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека е „клучно да се работи на деескалација“ по израелските напади утрово врз воени и нуклеарни цели во Иран.

– Ова е очигледно брзо развивачка ситуација и ова е еднострана акција од страна на Израел. Сега е клучно за голем број сојузници, вклучувајќи ги и САД, да работат на деескалација – рече Руте за време на состанокот со шведскиот премиер Улф Кристерсон.

Руте рече дека знае дека го прават тоа и оти тоа сега е „апсолутен приоритет“.

Шведскиот премиер рече дека она што се случува во нестабилниот регион ризикува значително да ја влоши ситуацијата.

Кристерсон рече дека постои широк консензус дека на Иран не може да му се дозволи да развива нуклеарно оружје, но додаде дека прашањето треба да се врати на преговарачката маса.

Тој рече дека нападите „би можеле да ги зголемат ризиците од терористички закани и други опасни активности“.

Кина упати остри критики кон Израел

Кина изјави дека е „многу загрижена“ од големите израелски напади врз Иран, критикувајќи го она што го нарече кршење на иранскиот суверенитет. Пекинг изрази подготвеност да помогне во ублажувањето на тензиите.

– Кина е многу загрижена поради израелскиот напад врз Иран – изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијанг.

Тој предупреди дека овој потег може да доведе до „сериозни последици“.

– Кина ги повикува сите засегнати страни да сторат повеќе за да ги одржат мирот и регионалната стабилност и да избегнат понатамошно ескалирање на тензиите – додаде портпаролот.

Франција повикува на воздржаност

Франција ги повика „сите страни да покажат воздржаност и да избегнат каква било ескалација што би можела да ја наруши регионалната стабилност“ по израелските напади врз Иран.

„Многу пати ја изразивме нашата силна загриженост во врска со иранската нуклеарна програма. Од витално значење е да се користат сите дипломатски канали за намалување на тензиите“, напиша францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро на Икс.

„Израел има право да се брани“

Израел има право да се брани, а Иран не треба да развива нуклеарно оружје, соопшти денеска германскиот канцелар, Фридрих Мерц, и ги повика двете страни да се воздржат од ескалација и од дестабилизација на регионот.

Мерц изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го информирал во телефонски разговор утрово за израелскиот напад врз Иран.

Германскиот канцелар истакна дека Берлин тесно соработува со своите партнери, особено со САД, Велика Британија и со Франција.

Израел денеска изврши серија воздушни напади врз Иран, таргетирајќи околу стотина цели, вклучувајќи нуклеарни постројки. Ирански воени команданти и нуклеарни експерти беа убиени во израелските напади.

Техеран возврати со лансирање дронови на израелска територија.

 

Поврзани содржини