САД ГРАДАТ ФЛОТА ОД ДРОНОВИ ЗА БОРБА СО КИНА Не им оди баш најдобро
Неуспешните тестирања открија сериозни предизвици за американската морнарица во примената на новите технологии, предупредуваат експертите.
За време на тест на американската морнарица кај брегот на Калифорнија минатиот месец, осмислен да ги покаже врвните автономни бродови-дронови на Пентагон, едно пловило неочекувано се заглавило. Додека официјалните лица се обидувале да поправат софтверска грешка, друг дрон-брод удрил во заглавениот од десната страна, прескокнал преку палубата и се срушил назад во водата, објави Ројтерс.
Овој досега необјавен инцидент, во кој биле вклучени пловила од американските одбранбени компании „Сароник“ (Saronic) и „Блекси технолоџис“ (BlackSea Technologies), е само еден од низа неуспеси во напорите на Пентагон да изгради флота од автономни пловила, според десетина извори запознаени со програмата.
Капетан паднал во водата откако дронот забрзал
Неколку недели претходно, на друг тест на морнарицата, капетан на придружен брод паднал во водата откако дрон-брод од „Блек си“ што го влечел, нагло забрзал и го превртел придружниот брод. Капетанот бил спасен и одбил медицинска помош.
Двата инцидента биле резултат на комбинација од софтверски грешки и човечки пропусти – вклучително и комуникациски проблеми меѓу внатрешните системи и надворешниот автономен софтвер, според извор со директни сознанија.
Морнарицата, „Сароник“ и „Блек си“ одбиле да ги коментираат инцидентите.
Дроновите се потребни за да се спречи напад на Кина
Американските воени лидери, под влијание на ефикасноста на морските дронови во војната во Украина, повеќепати изјавиле дека им се потребни ројови автономни воздушни и морски дронови за да го попречат потенцијалниот напад на Кина преку Тајванскиот Теснец. И самата држава Тајван веќе набавува морски дронови.
Украинските дронови – кои изгледаат како моторни чамци без седишта – можат да носат оружје, експлозиви и опрема за надзор, главно се управувани далечински и чинат околу 250.000 долари, што ги прави идеални за „камиказе“ мисии кои докажано ја ослабија руската Црноморска флота.
САД, пак, имаат за цел да изградат автономна флота што ќе се движи во ројови без човечко управување – многу поамбициозен проект по многу повисока цена: неколку милиони долари по брод.
Морнарицата се соочува со сериозни предизвици
– Неодамнешните неуспешни тестови ги истакнуваат предизвиците со кои се соочува морнарицата во обидите да ги примени новите технологии – вели експертот за автономно војување, Брајан Кларк.
Тој додава дека морнарицата ќе мора да ги прилагоди своите тактики за да разбере подобро што можат, а што не можат системите.
Но, проблемите не се само технички. Единицата задолжена за набавка на автономни морски дронови доживеа потрес – нејзиниот командант, адмирал Кевин Смит, беше разрешен поради загубена доверба, откако инспекциската служба на морнарицата потврди пријава против него.
Исто така, висок функционер од Пентагон неодамна изразил сомнежи во врска со програмата на затворен состанок со морнарички функционери.
По последниот инцидент, Единицата за иновации на одбраната (ДИУ) од Пентагон го паузирала договорот вреден речиси 20 милиони долари со компанијата „Л3 Харис“ која обезбедувала автономен софтвер за некои од пловилата. Пентагон не коментираше ниту за причините на несреќите ниту за прекинот на договорот.
Гласноговорник на Пентагон само изјави дека тестирањата се дел од „конкурентен и итеративен пристап меѓу операторите и индустријата“.
„Л3 Харис“ одбила коментар и ја префрлила одговорноста на ДИУ. Сепак, директорот Тоби Магсиг изјавил дека „Л3 Харис“ стои зад безбедноста, интегритетот и способноста на својот автономен командно-контролен производ.
Подемот на морските дронови
За да го забрза развојот на дрон-технологијата, Пентагон во 2023 година ја лансираше програмата Репликејтор, вредна 1 милијарда долари, преку која планираше да набави илјадници воздушни и морски дронови. Првите системи од оваа програма треба да бидат објавени овој месец.
Морнарицата досега има издвоено најмалку 160 милиони долари за „Блек си“, која произведува десетици автономни извиднички пловила месечно.
Криза во морнарицата
Откако се врати на функцијата, претседателот Доналд Трамп ја постави изградбата на дрон-ројови како врвен воен приоритет. Неговиот „Голем прекрасен закон“ од минатиот месец предвиде речиси 5 милијарди долари за автономни поморски системи.
Но, досега, морнаричкиот пристап се соочува со скептицизам во новата администрација.
Во април, единицата за набавка на дрон-бродови објави дека успешно го тестиралa софтверот на „Блек си“, нарекувајќи го „голем чекор напред во поморската автономија“.
Како одговор, тогашниот шеф на кабинет на заменик-секретарот за одбрана, Колин Керол, коментирал дека програмата удвојува други напори во Пентагон.
„Имам чувство дека следуваат промени во оваа програма,“ напишал тој.
Во последен состанок, заменик-секретарот Фајнберг ги испрашувал морнаричките функционери за капацитетите на автономните пловила. Според извори, тој бил разочаран од дел од системите што морнарицата ги набавувала и поставил прашања за нивната исплатливост.
Во меѓувреме, бродоградителите и софтверските компании се борат за уште поголеми проекти – беспилотни подморници и бродови за транспорт.
Минатата недела е објавен повик за нови предлози за средни и големи пловила способни за носење контејнери, опрема за надзор и за извршување напади.
Експерт за автономно оружје, вели дека морнарицата се наоѓа во непознати води:
– Системот е навикнат да гради големи нешта и да носи одлуки со години, а сега одеднаш барате од нив да се движат брзо – вели тој.