Сѐ е случајно(ст)

962

Две големи вистини, изречени неодамна од самиот врв на државата – Претседателот на државата и Владата – најречито ја отсликуваат тажната реалност на македонската политичка сцена во изминативе речиси шест години: сѐ е случајно и никој не знае кој што прави. Последователно, на таа килава „база“ се калеми целата „политичка“ слика што денес ја гледаме и ја викаме (сѐ уште) Македонија. Па дури каниме и видни гости. Кога така ќе ги согледате нештата, воопшто и не е чудно што сите витални потези во државата ги диктира „меѓународната заедница“, но не во наш туку, нормално, во свој интерес. Кој и да е и каков и да е!

Првата вистина доаѓа директно и неотповикливо од Претседателот на државата кој, преку неговиот Кабинет, ни „објаснува“ дека неговата заедничка фотографија со неодамна застреланиот (велат) „нарко бос“ е – случајност. „Сѐ е случајно“, велат тие. И тоа е де факто најголемата вистина: од неговата кандидатура, преку изборот, па сѐ до последниов скандал, сѐ е резултат на редица случајности – добри или лоши, иако многу повеќе од овие вториве – и наивни, речиси детски необмислени изјави/потези за важни државни прашања, лажни конструкти и мигновено менување на ставови по клучни прашања итн. Без конзистентна политика, без јасни и прецизни сознанија, отсуство на визија, необјасниви импровизации… тој след на случајности, произволности, контроверзи и манипулации се вистинската рекапитулација на неговиот мандат. Но и на мандатот на неговиот „кабинет“.






Зашто, замислете го „оправдувањето“ за последниов скандал: „не се правеле безбедносни проценки за лица кои спонтано приоѓаат за фотографирање“. И понатаму: „Пендаровски се фотографирал со сите кои ќе побарале“, велат. Интересни констатации на еден претседателски Кабинет, па нека е и на македонски претседател. Што ли би се случило со такво „објаснување“ и колку би траел еден таков „кабинет“ на некој претседател од рангот на Макрон, Штајнмаер, Матарела итн.

Од друга страна, дотичната фотографија, очигледно, не е направена баш на некаков предизборен митинг или во толпа на поддржувачи на Пендаровски, нели? Ама „кабинетот“ како да е ќорав, не гледа ли дека тие се во затворен простор, сами, добро расположени познаници? Или, замислете американскиот претседател Хувер, на некој предизборен митинг или во тек на изборна кампања, да се фотографирал со Ал Капоне, а неговата администрација тоа да го оквалификувала како – случајност! Или Жак Ширак да застанал да се поздрави со воениот криминалец Морис Папон, онака случајно, бидејќи неговиот кабинет, а ни тој, не го препознале криминалецот?! Или навистина во Македонија има толку многу гангстери, нарко и мафија босови и други профилни криминалци па службите не се во состојба сите да ги запаметат?

Втората жална вистина ја откриваат министрите во македонската Влада по повод нивното односно владиното „случајно“ вплеткување во скандалот со рудникот Иловица-Штука. Неколку министри – според медиумите: Спасовски, Петровска и Шукова – воопшто и не знаеле за што гласаат (sic!). Ама гласале!

И сега човек може да биде циничен и саркастичен па да каже дека за оние плати покачени за цели 78% министрите барем би требало наизуст да ги знаат сите точки и материјали на дневен ред на седниците, некој – можеби секретарот на Владата – би требал секојдневно да ги испрашува дали точно ги научиле и разбрале материјалите итн. Но, македонските состојби не се веќе ни за цинизам ниту пак за сарказам. Секогаш кога ќе помислиме дека е допрено дното, власта успева со нов скандал да нѐ убеди дека кај нас всушност и нема дно.

Не можете а да не се прашате дали и другите, еднакво важни, па и поважни одлуки поминувале на ист или сличен начин, дали дотичните министри воопшто разбираат што се случува на владините седници, дали им е јасно што се случува во земјава… или тие имаат други интереси и лични агенди? Или дали, можеби, како онојпат премиерот (кога се одлучувало за безмалу подарок на државно земјиште на неговата сопруга!), можат едноставно да си излезат од седницата и потоа да кажат: извинете, јас не сум од овде?!

Иако реков дека нема да спомнувам саркастични прашања, сепак морам, зашто ова можеби и не е типично саркастично: што мислат министрите во Владата на оној „премиер“ – оној кој ја напушти седницата кога се одлучувало за безмалу подарок на државно земјиште на неговата сопруга! – за што се тие именувани на тие дебело платени функции? Да си вршат лични и семејни работи, да се збогатат што повеќе можат за времетраењето на мандатот, однапред материјално да си обезбедат барем две-три идни генерации? Или треба нешто и да сработат во мандатниот период наместо да спијат на седниците на Владата?

И иако реков дека нема да спомнувам цинични прашања, но нели е врв на балканскиот цинизам и безобразие она појавување на министерките за труд и социјала и за животна средина на народниот протест против рудниците Иловица-Штука? Дали навистина овие две женички мислеле дека на тој начин ќе се „исперат“ од она скандалозно „преспивање“ на седниците на Владата, особено во ресорот животна средина на „госпожата“ Шукова која во дванаесет и пет – но не и на самата седница на Владата кога се одлучувало по прашање за коешто таа прима плата – се дистанцира од валканата одлука? Издвојува мислење, „лично“ не се согласува, но како министерка – се согласила?!

Премногу вакви и слични малограѓански и неетички, а во крајна инстанца и чудовишно безобразни однесувања се изнагледавме во овие шест години. Дел како случајност, дел како катастрофално невнимание, најголем дел како неспособност, неукост, неморал… па и нечовечност како во случајот со рудниците. А на граѓаните во државава не им зависат само сегашноста и иднината од такви непристојни ликови, туку често и животот (повторно како во случајот со рудниците).

И повторно никаде го нема премиерот, повторно се крие во неговата глувчија дупка за да ги избегне прашањата дали ќе повика некого на одговорност: можеби министерот што му поттурил таква одлука на Владата, можеби министерките кои глумат слободни стрелци, издвојуваат мислење и не се согласуваат со сопствените одлуки? Но и на тоа бегање од јавноста веќе свикнавме.

Се разбира, ние можеме да бидеме цинични и саркастични до крај и да ја прогласиме Македонија за земја на случајности, каде наместо закони, морал и професионалност владее хаос од случајности и невнимание! Но тоа ќе биде само уште една шлаканица и за нас кои така одлесно им прогледуваме низ прсти на вакви неуки и неспособни ликови кои глумат некаков државен естаблишмент.

Извор: Теодосиевски уметност 

 

Поврзани содржини