РУДАРСТВОТО ТОНЕ Излезот на економијата е во зелената транзиција

Изгледите за раст на Северна Македонија се тесно поврзани со забрзувањето на пристапните преговори со ЕУ и со посилните реформски напори за поддршка на структурната трансформација на економијатa, изјави Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово.

157

Континуирано тоне рударската индустрија. Ниту последните податоци од Државниот завод за статистика кои го третираат индустриското производство не даваат знаци на заживување во овој сектор. Показателите покажуваат дека индустриското производство бележи одреден раст, но тој ни од далеку не може да се пофали дека се должи на рударството.

Значителниот пад во ископот на минерали во индустриското производство „го покриваат“ поуспешните трендови во секторите на преработувачката индустрија и снабдувањето со електрична енергија и гас, кај кои има нагорна линија.






Па така, ако се анализираат последните пет официјални извештаи на Заводот посветени на индустриското производство, кај уделот на рударството се бележи само пад. Индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во октомври 2024 година, во однос на октомври 2023 година, бележи опаѓање од 8.2 %. Рударството во ноември 2024 година, во однос на ноември 2023 година, бележи опаѓање од 3.2 %. Најголем е падот во декември – дури 10% во 2024 година во споредба со истиот период во 2023.

Сликата не се подобрува ниту со податоците од годинава. Индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен во јануари 2025 година, во однос на јануари 2024 година, бележи опаѓање од 5.1%, додека пак во февруари 2025 година, во однос на февруари 2024 година, бележи опаѓање од 4.4 %.

Во меѓувреме, Европската Унија ги олесни условите за издавање лиценци за геолошки истражувања и за отворање на рудници, зашто сака да ја исполни зацртаната Зелена агенда. За да се остварат целите за зелена енергија, неопходни се голем број на минерални суровини, чиј ископ Унијата започна да го стимулира – тука се литиумот, кобалтот, бакарот и други. Дури и последните проекции од Извештајот на Светската банка за растот на Македонија за 2025 година укажуваат како земјата во иднина да осигура подобра економија, акцентирајќи ја зелената транзиција.

– Изгледите за раст на Северна Македонија се тесно поврзани со забрзувањето на пристапните преговори со ЕУ и со посилните реформски напори за поддршка на структурната трансформација на економијата. Напредувањето во планот за реформи за ЕУ, вклучувајќи ги целите за зелена транзиција, е критично за поттикнување на одржливиот раст на среден до долг рок – изјави Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово.

Засега, излезот од лошата состојба во рударството се гледа во Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини 2025 – 2045. Нејзе ја изготви МАНУ, а наскоро се очекува да се најде пред властите, бидејќи рокот за предлози и забелешки истече на почетокот на мај.

„Стратегијата, изработена од МАНУ со ангажман на над 20 истакнати научници, има за цел да обезбеди долгорочен и одржлив развој на рударскиот сектор, балансирајќи ги економските придобивки со високите еколошки стандарди и јавниот интерес. Процесот на изработка на Стратегијата е целосно транспарентен и инклузивен, со активно учество на академската заедница, граѓанскиот сектор, професионалните здруженија и бизнис-заедницата. Расправата отвори конструктивна дебата, со низа предлози и забелешки за унапредување на документот, особено во делот на заштитата на животната средина, усогласувањето со ЕУ-директивите и транспарентноста во доделувањето концесии“, соопштија неодамна од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

По независноста во 1991 година, Македонија создава стабилна економска основа со рударскиот сектор, кој игра значителна улога во бруто домашниот производ (БДП). На пример, во 2014 година, рударската индустрија, која ги вклучува и обработката на камен и производството на природен гас, учествувала со 15,6% во БДП. Сега, пак рударската индустрија придонесува со околу 1% во вкупниот БДП на државата.

Поврзани содржини