РТС: Во Врање и Лозница викендов се вакцинираат 2.000 граѓани на С Македонија и БиХ

373

Во Србија продолжува бесплатната вакцинација на граѓаните од соседните земји, а во Врање викендов се вакцинираат граѓани од Северна Македонија, за разлика од Лозница каде се вакцинираат граѓаните на Босна и Херцеговина, објави РТС.

Според српскиот јавен сервис, за време на викендот во Врање за вакцинација се пријавиле 753 македонски граѓани, кои ќе бидат вакцинирани со вакцината на „Фајзер“. Досега во Врање се вакцинирани 1.105 граѓани на Македонија, а двете дози ги имаат примено 836 лица.

Според порталот „Србија денес“ во организација на Српскиот културен и информативен центар „Спона“ од Северна Македонија, во Врање денеска и утре ќе бидат вакцинирани околу 800 македонски граѓани, а во организација на Спона на автопатот на Коридор 10, во близина на граничниот премин Табановце, поставен е билборд – „Благодарам, Србија“, во знак на благодарност за донациите на вакцини за Северна Македонија, како и можноста нејзините граѓани во организирани групи да се вакцинираат во Србија.

Докторот Зоран Бекиќ за Б-92 изјави дека на Белграрадскиот Саем вакцинацијата се одвива без гужва и без чекање.

– Денеска, планот е да се вакцинираат и ревакцинираат граѓаните на Србија, но ќе се изврши бесплатна вакцинација и на граѓаните на Босна и Херцеговина, Република Српска и Република Северна Македонија – изјави Бекиќ за Б-92.

Во четвртокот претседателот на Србија, Александар Вучиќ, побара од Владата да овозможи бесплатна вакцинација за сите граѓани на Северна Македонија, но српската Влада, како што беше случајот со државјаните на БИХ сеуште нема донесено одлука за бесплатна вакцинација на македонските државјани.

Поврзани содржини