РОМАНОТ НА КАЛИНА МАЛЕСКА Е ИЗБРАН ЗА РОМАН НА ГОДИНАТА „Светот што го избрав“ обезбеди висок пласман во македонската литература
Жири-комисијата, во состав Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева, одлучи наградата да ја додели на делото на Малеска, кое, како што наведоа, се истакнало со својата оригиналност, книжевна вредност и тематска длабочина.
Романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска, во издание на „Или-или“ е избран за Роман на годината за 2024 година, беше соопштено на денешната прес-конференција што се одржа во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.
Ова е шести пат издавачот „Или – Или“ да добие признание „Роман на годината“.
– Долго време работиме со македонски автори кои не се доволно познати и афирмирани, и ова признание е значајно за издавач кој е особено посветен на издавање на македонска литература. Со тоа создаваме значаен дел од македонската книжевна сцена. „Светот што го избрав“ од Калина Малеска е многу значаен и ќе стане бележит роман во историјата на македонската книжевност – рече Ненад Стевовиќ од „Или-Или“ .
Во најтесниот избор за наградата што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава влегоа и романите: „Простување“ од Кица Колбе („Или-или“) и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски („Антолог“).
Жири-комисијата, во состав Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева, одлучи наградата да ја додели на делото на Малеска, кое, како што наведоа, се истакнало со својата оригиналност, книжевна вредност и тематска длабочина.
Наградата „Роман на годината“ се доделува по 26. пат, а на конкурсот годинава се пријавија 43 романи. Изборот е поддржан од Комерцијална банка.