Ризиците на власта

Многу опасни времиња, многу големи ризици! Не знам зошто нашиве политичари (сè уште) мислат дека граѓаните овде размислуваат како пред сто години?

1,716

Секое време носи ризици за секоја власт – опасни времиња носат опасни ризици за секоја власт! Ако тоа оваа власт не го знае, ништо не знае. Затоа и секое обраќење кон јавноста мора да биде балансирано, рационално, без мистификации и емоции, прецизно, јасно и оправдано! И упатено до сите подеднакво, не само кон одредени групи. Инаку, ризиците се мултиплицираат. Е сега, тие и такви ризици се и наши ризици, ама тоа очигледно никого не го интересира. Апропо: дали оваа власт постои само за верниците во оваа држава? Ако е тоа така, требало некој со време да ни каже!

А вчерашните „дообјаснувања“ на премиерот, па на претседателот, па на сите фактори во државава за ускратувањето на нечии права односно за неприкосновеноста на правата на верниците, за жал, воопшто не помогна. Само – одмогна! И предизвика лавина на секакви коментари во јавноста, којашто за искусни политичари и умни луѓе треба да биде некаков показател. Освен ако власта нема егзактни податоци за тоа колку верници има во државава, наспроти нас „неверниците“, па заклучила дека е подобро да се приклони кон нив а нас да не отпише? Не знам, дури и не би сакал да верувам дека оваа власт прави такви политикантски математики, иако верувам дека политиката, во принцип, оди и во тие крајности. Е сега, прашање е кој и како ја промислува таа политика, и како ја спроведува! Ама дали ги промислува/калкулира и ризиците? Тие често умеат да бидат – застрашувачки некалкулативни! И со поразителни резултати!!! Од дрруга страна, наместо државниот врв да се бави со суштински прашања (преживувањето во овие услови, економскиот колапс, арогантноста на банките и целиот тој финансиски столб…) тие не замајуваат со права на попови и верници. Неверојатно, и сканадалозно.






А сегашнава затегната состојба на јавната сцена, повторно, најмалку и’ користи на власта. Само создава смут, создава поделби, сето тоа во невреме, што ќе рече дека оди контра власта. Ако некој сака тоа да го разбере. Ако не сака – нема помош. Зашто, беспоговорно, најголемиот дел од јавноста има потполно право. Овде имено станува збор за извртена теза – повторно: не велам намерно, туку непромислено! – дека наводно ние „неверниците“ (што впрочем и не е точна квалификација за повеќето од овие луѓе!) им одземаме некакви права на верниците. Ситуацијата е сосема обратна: правото на верниците се поставува над правото на другите („неверниците“) односно оние кои сметаат дека практикувањето на верските обреди, особено на онаков начин каков што „објаснуваат“ одделни скарани со разумот свештени лица, е застрашувачки опасен по здравјето и животот на сите граѓани. Па погледнете, ве молам, дури и во едно Куманово црквите се отворени а верници се причестуваат!

Згора на сè, токму заради верниците и нивното тврдоглаво настојување да се празнува Велигден според сите канонски стандарди во вакво време, отворено помогнато и од самиот врв на МПЦ, целата држава повторно ќе биде затворена со полициски час во траење од цели три дена. Сосема непотребно, односно само заради ставот на Владата – или на неколкумина во Владата? – дека црквите не смеат да се затворат! Ама училиштата смеат, факултетите исто така, дури и стоматолошките ординации, дел од аптеките… народот смее комплетно да се затвори дури и цели 80 часа, ама црквите – никако!? Тоа е тотално непромислено, и опасно. Страшно голем ризик!

Само на вака поставена ситуација малку се разбиструва „загатката“ и се добиваат две непомирливи крајности. Едната е: власта ја брани (но и застапува) верата; втората е: луѓето си го бранат здравјето и правото на живот! Власта, во секуларна држава, не сака дури ни да размисли да го примени законскиот основ (чл. 8 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група ), па дури нема намера ни да ги спречи свештениците да причестуваат стотици верници со едно контаминирано лажиче, а притоа целосно ги игнорира реакциите и барањата на „неверниците“ за нивните права (на здравје и на живот).

Звучи ригидно, премногу силно… ? Ама како „помеко“ да се каже? Како кога тоа е целата и единствената вистина?! Добро, јас не пледирам на вистината како оние од „таборот на верниците“, ама многу би сакал некој да ме разубеди. Со овоземни, на ова време прилагодени аргументи. Ако ги има. Инаку… Инаку, за жал, и градоначалникот на Куманово е позитивен на вирусот. Има ли право човекот да се лути бидејќи бараше строги мерки за градот? А згора, во самоизолација е и половина Влада, на чело со техничкиот премиер, заменик премиерот Османи, министерот за здравство… Извинете, ама тоа е неодговорност. Тотална! А не можам да го избегнам и следново: (ќе) имаат ли право на тужба, и на надокнада на штета сите оние кои денес/утре ќе бидат позитивни на вирусот, а заради погрешните одлуки на власта? Нешто слично на сите оние кои сега ги тужат ски-центрите во Австрија, Германија… дека не делувале правовремено?

Многу опасни времиња, многу големи ризици! Не знам зошто нашиве политичари (сè уште) мислат дека граѓаните овде размислуваат како пред сто години?

П.С.

А кога и Претседателот на државата за несостанувањето на Собранието вели „Не знам, не можам да сфатам…“, (а изгледа дека само Таљат и неговата братија „сфаќаат“), ризиците за власта страшно се мултиплицираат! Ако целиот државен врв „не сфаќа“, а поединци, и групи, си тераат по свое, тогаш ѓаволот го однел разумот.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини