РЕСТРИКЦИИТЕ НЕ ДАЛЕ РЕЗУЛТАТ Употребата на никотин преку вејпови и ќесички може да ја намали стапката на пушење
Анализата „Safer nicotine works“ покажува дека земјите што широко ја овозможиле употребата на алтернативни никотински производи бележат намалување на стапките на пушење двојно побрзо од глобалниот просек.
Македонските власти со новиот предлог Закон за заштита од пушење ги изедначија цигарите со алтернативните никотински производи, како што се електронските цигари, вејповите и никотинските ќесички. Сепак, голем број примери ширум светот покажуваат дека ваквиот пристап не го дава посакуваниот резултат. Напротив, во намерата за намалување на стапката на пушење успеале државите кои овозможиле широка употреба на помалку штетните никотински производи наспроти предвидените рестрикции кај нас.
Според дел од медицинските лица, мора да се направи разлика помеѓу користењето на тутун и користењето на никотин. Пошироката јавност, но често и стручната, го поистоветува користењето на никотин единствено со цигарите.
– Никотинот сам по себе не е причина за рак. Штетните ефекти од пушењето се резултат на токсичните соединенија што се создаваат со согорување на околу 900°C кај традиционалните цигари – нагласува д-р Хуго Тан.
Според него, случајот е многу поразличен со алтернативните никотински производи, кај кои ги нема штетите од согорувањето.
– Има логика во охрабрувањето на некои пушачи да се префрлат на научно проценети производи со намален ризик. Пијалоците со помалку шеќер, безбедносните појаси во автомобилот, алтернативните никотински производи… каква е врската? Станува збор за концептот на намалување на штетата – додава доктор Тан.
Ваквиот пристап кон намалување на стапката на пушење се покажал успешен во голем број земји, меѓу кои и Шведска и Јапонија.
– Примерите како шведскиот покажуваат дека долготрајната употреба на производи без чад може да биде поврзана со драстичен пад на пушењето, од околу 30 проценти на околу 5 проценти. Шведска сега има најниска стапка на болести предизвикани од пушење во ЕУ – заклучува д-р Хуго Тан.
Анализата „Safer nicotine works“ покажува дека земјите што широко ја овозможиле употребата на алтернативни никотински производи бележат намалување на стапките на пушење двојно побрзо од глобалниот просек. Како пример, никотинските ќесички станаа најбрзо растечкиот алтернативен никотински производ на скандинавскиот пазар, а Шведска продолжува да има најниска стапка на пушење во Европа. Во оваа земја иако бројот на пушачи е намален, уделот на населението што користи никотин се чини дека останал ист. За ова да се случи постоеле голем број дебати и различни законски решенија. За разлика од предлогот кај нас, актуелните шведски закони дозволуваат вејпови и ќесички со ароми и вкусови, но пак затоа имаат различни акцизи.
„Стратегијата за оданочување на тутунот во Шведска се базира на пропорционална акциза што го одразува понискиот ризик поврзан со алтернативите на цигарите. Никотинските ќесички имаат најниска акцизна стапка во споредба со акцизата што се применува на цигарите“, се наведува во анализата.
Во неа се прави корелација и на широката достапност на алтернативните никотински производи со податокот од Светската здравствена организација кој покажува дека Шведска има најниска инциденца на рак на белите дробови (17,7 на 100.000) во ЕУ и најниска инциденца на смртност од рак на белите дробови (14,4 на 100.000).
Успешен пример е и Јапонија каде претходно имало лоши резултати – за повеќе од четиринаесет години, стапката на пушење се намалила само за помалку од два проценти, од 21,6% во 2003 година на 19,8% во 2017 година.
Сепак, намалувањето на стапката на пушење неодамна се забрзало благодарение на воведувањето производи за загревање на тутун и од 2016 година до 2019 година е намалена на 17,8%.
„Владата не ја дестимулираше употребата на алтернативните никотински производи преку воведување ограничувања за нивната употреба, но истовремено и не ги поддржуваше активно овие производи како одржлива алтернатива на пушењето цигари“, се вели во анализата „Safer nicotine works“.
Но, јапонските власти направиле јасна разлика за тоа каде е дозволено пушењето на цигари, а каде може да се користат алтернативните производи.
„Употребата на алтернативните никотински производи е дозволена во барови и ресторани над 100 квадратни метри и во оние што ги управуваат поединци или мали и средни претпријатија, под услов да е истакнат знак за предупредување. Во спротивно, производот може да се користи само во одредени области. Во пракса, повеќето барови и ресторани во Јапонија се квалификуваат за оваа можност која дозволува употреба на алтернативни никотински производи во објектите. Спротивно на тоа, пушењето цигари е забрането во сите ресторани, хотели и канцеларии од април 2020 година“, се додава во анализата.
Во Јапонија, откако производите за загревање на тутун за првпат биле воведени на пазарот во 2016 година, продажбата на цигари е намалена за 32% за само пет години.