РЕКОРДНА НАПЛАТА НА ПАТАРИНИТЕ, 31 МИЛИОН ЕВРА ЗА 6 МЕСЕЦИ Романовце има најголеми приходи, Тетово е најфреквентно

За шест месеци годинава од патарини се остварени 1,92 милијарди денари, а ЈПДП најавува и можност за нов модел на наплата според изминатите километри.

0

Од наплата на патарини во државава во првите шест месеци од годинава се остварени речиси 1,92 милијарди денари, односно повеќе од 31 милион евра, што е за 21.891.532 денари повеќе во споредба со истиот период минатата година, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Најфреквентна наплатна станица е Тетово, по која следуваат Петровец, Романовце, Глумово, Миладиновци, Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица и Гевгелија.






Сепак, кога станува збор за остварените приходи, односно собраните средства во зависност од цената на патарините, прва е Романовце. По неа следуваат Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино, Тетово, Стоби, Преод, Гостивар, Сопот, Гевгелија, Кадрифаково, Отовица и Демир Капија.

Од ЈПДП посочуваат дека во периодите кога има зголемен обем на сообраќај, особено во текот на летната сезона, Одделението за наплата на патарина подготвува посебен акциски план.

Тоа значи дека на наплатните станици на двата коридора се активираат сите расположливи ленти за да се овозможи побрз проток на возилата.

Истовремено, приоритет се дава и на електронската наплата преку М-ТАГ и М-КАРД.

– На секоја наплатна станица на двата коридора се пуштаат во функција сите расположливи ленти, а подеднакво се дава приоритет и на електронската наплата на патарина – М-ТАГ, каде најмалку една лента е секогаш во функција. Тоа се возила кои поминуваат без да застанат. Исто така, тука е и електронската наплата преку М-КАРД, каде возилата немаат контакт со вработените, односно бесконтактно поминуваат – информираат од ЈПДП.

Електронската наплата во моментов учествува со 36 проценти во вкупниот промет на наплатата на 11 наплатни станици каде што е воведена.

Од ЈПДП велат дека податоците за продажбата на електронските уреди и нивното надополнување покажуваат дополнителен раст на електронската наплата. Особено значајно е што М-ТАГ уредите од неодамна се достапни и во продажните салони на мобилните оператори.

Од мај годинава М-ТАГ уредите можат да се купат и во продажната мрежа на „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“. Претходно, уредите беа достапни само преку ЈПДП или на наплатната станица Петровец.

Проширувањето на продажната мрежа е дел од напорите за зголемување на користењето на електронската наплата, со што се очекува да се намалат и гужвите на патарините, особено во летните месеци кога низ државата минува голем број домашни и странски возила.

Раководството на ЈПДП при промоцијата на можноста за купување М-ТАГ уреди кај мобилните оператори информираше и дека се размислува за промена на начинот на наплата на патарините.

Како пример беше посочен системот што се применува во Србија, односно затворен систем во кој наплатата би се вршела според изминатите километри.

За таа цел веќе се работи на студија за можноста ваков модел да биде воведен на Коридорот 8.

Тоа би значело промена од сегашниот систем, во кој возачите плаќаат на конкретни наплатни станици, кон систем во кој би се пресметувала патната такса во зависност од делницата што ја поминало возилото.

Наплатата на патарини бележи континуиран раст во последните години. Во 2025 година, заклучно со 23 декември, ЈПДП остварило промет од 4.158.914.362 денари, односно 67.624.624 евра.

Според податоците, во 2024 година биле остварени 66.463.963 евра, во 2023 година 62.077.966 евра, во 2022 година 53.242.070 евра, во 2021 година 46.401.122 евра, а во 2020 година 34.029.562 евра.

Трендот покажува дека приходите од патарини постепено растат, паралелно со зголемувањето на сообраќајот и проширувањето на можностите за електронска наплата.

Поврзани содржини