РЕГИОНОТ ОКОЛУ КИЕВ E БЕЗ СТРУЈА Се бара Русите да се повлечат од нуклеарката Запорожје

Бомбардирањето на енергетската инфраструктура на Украина од октомври редовно лишува милиони Украинци од струја и вода.

124

Повеќе од 10 милиони Украинци во моментов се без струја, соопшти синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Во моментов, повеќе од десет милиони Украинци се без струја, особено во регионот на Киев – рече украинскиот претседател во своето секојдневно обраќање.






Неколку украински градови, вклучително и главниот град Киев, вчера беа цел на руски напади, што се совпадна со првите снежни врнежи во земјата зафатена од недостиг на електрична енергија и каде температурите може да паднат и до минус 10 степени.

Бомбардирањето на енергетската инфраструктура на Украина од октомври редовно лишува милиони Украинци од струја и вода.

Националниот оператор за електрична енергија Укренерго најави продолжување на недостигот на струја поради „влошување на ситуацијата”.

„Поради ненадејниот студ, потрошувачката на електрична енергија се зголеми во регионите на Украина, што дополнително ја искомплицира и онака тешката ситуација во електроенергетскиот систем, а тоа доведе до пошироки ограничувања во потрошувачката на електрична енергија низ целата земја“, соопшти Укренерго.

Земјите-членки на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) повторно ја повикаа Русија да се повлече од украинската нуклеарна централа Запорожје.

Москва треба веднаш да го повлече својот персонал и да се откаже од „неоснованото барање сопственост” на нуклеарната централа во југоисточна Украина, се вели во резолуцијата на Бордот на гувернери на МААЕ објавена синоќа во Виена.

Бордот, исто така, изрази загриженост поради тоа што украинските вработени во фабриката биле под притисок од руска страна и затоа што биле извршени апсења.

Ова е трета резолуција на МААЕ против Русија од почетокот на војната во февруари. Русија и Кина гласаа против, додека седум земји беа воздржани.

Нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, од март е под руска окупација. Таа постојано беше цел на напади во последните недели. Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за нападите.

Поврзани содржини