„Разбистри сé”: Владата подготви измени на Законот за минерални суровини со кои овозможува распродажба на националните природни богатства
Алијансата за застапување и лобирање предупредува дека прекумерната и неконтролираната експлоатација на минералните суровини предизвикува хемиско загадување на водите и почвите, нарушување на пределите и хидролошкиот режим, трајна девастација на обработливото земјоделско земјиште.
Граѓански организации, високообразовни институции и експерти се противат на измените на Законот за минерални суровини кои Владата предлага да бидат усвоени на собраниската седница закажана за наредниот понеделник по скратена постапка, нетранспарентнo, без претходна јавна расправа и вклучување на јавноста. Според нив, предложените законски измени содржат големи пропусти во поглед на заштитата и одржливото користење на минералните суровини како најзначајни природни ресурси на државата.
Во дописот се предупредува дека измените навлегуваат длабоко во процедурите на добивање и одземање концесии за експлоатација на минерални суровини, се бришат постоечки обврски за барателите на дозволи со кои процедурата станува нетранспарентна и финансиски сомнителна и се овозможува и понатаму евтина распродажба на националните природни богатства. Исто така, се проширува обемот на минерални суровини кои ќе бидат давани под концесија и се олеснуваат концесиите за ископување на песок и чакал, наместо да се ограничат поради досегашните злоупотреби со кои се уништени многу речни корита и плодни земјишта.
Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ” предупредува дека прекумерната и неконтролираната експлоатација на минералните суровини предизвикува хемиско загадување на водите и почвите, нарушување на пределите и хидролошкиот режим, трајна девастација на обработливото земјоделско земјиште, загуба на биолошката разновидност и може сериозно да влијае врз здравјето на населението што живее во околината.
Од Алијансата „Разбистри сé”, чија цел е заштита на природните ресурси преку нивно одржливо користење, сметаат дека Законот за минерални суровини регулира прашање од стратешки интерес за државата и дека е потребна широка експертска и јавна дискусија за изнаоѓање решенија кои водат сметка за животната средина. Оттука се бара државните институции да се придржуваат до Архуската конвенција која налага одржување на јавна расправа за општата јавност како клучен механизам за гарантирање транспарентност на процесите и работење во служба на јавниот интерес.
Од „Разбистри сé” денеска испратија дописи до претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, да го повлечат предлог-законот и да го вратат во редовна процедура.