РАТКО МАЛИЌ – МЕЃУ ВОЕН ХЕРОЈ И ВОЕН ЗЛОСТОРНИК Заврши еден живот полн со контрасти, врвови и падови
Животниот пат на еден од најпознатите воени команданти од распадот на Југославија – од воената кариера во Скопје и Охрид, преку војните во Хрватска и Босна и Херцеговина, до бегството, апсењето и доживотната казна во Хаг, говори за Ратко Младиќ како за човек чие име ќе остане врежано, по добро или по лошо, во историјата на овој регионот.
Ратко Младиќ, поранешниот командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска, кој беше осуден на доживотен затвор за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото, почина денеска во притворската болница во Хаг, на 84-годишна возраст. Неговата смрт ја потврди претставник на Обединетите нации, а Младиќ последните години ги минуваше во затвор со сериозно нарушено здравје.
Од Босна до воената академија
Младиќ е роден на 12 март 1942 година во селото Божановиќи, во општината Калиновик, во источна Босна. Неговиот татко, припадник на партизанското движење, загинал во 1945 година. Младиќ во 1961 година се запишал на Воената академија на Југословенската народна армија во Белград, а во 1965 година станал професионален офицер.
Во првите децении од кариерата тој бил типичен офицер на југословенскиот воен систем. Напредувал низ чиновите, завршил Командно-штабна академија со одличен успех и постепено добивал сè повисоки командни функции. Пред распадот на Југославија веќе бил сметан за искусен и перспективен офицер во ЈНА.
Годините во Скопје и Охрид
Значаен дел од неговата воена кариера е поврзан и со Македонија. Младиќ служел во Скопје, каде што во 1982 година бил поставен на должност во Командата на Третата армија на ЈНА. Во документите од подоцнежната пресуда во Хаг се наведува дека неговата служба во скопскиот гарнизон започнала уште во 1981 година.
Во 1983 година бил преместен во Охрид, каде што ја презел командата над 164. пешадиски полк на 41. пешадиска дивизија на Третата армија. Во Македонија продолжил да напредува во воената хиерархија, а подоцна бил поставен и на висока функција во Штип. Така, пред воените конфликти од 1990-тите, значаен дел од неговата професионална кариера бил изграден токму во гарнизоните на тогашната СР Македонија.
Од ЈНА до командант на босанските Срби
Со распадот на Југославија, кариерата на Младиќ влегла во нова фаза. Во 1991 година бил испратен во Книн, каде што учествувал во воените операции во Хрватска, а во почетокот на 1992 година бил префрлен во Сараево. По почетокот на војната во Босна и Херцеговина, во мај истата година станал командант на Главниот штаб на новоформираната Војска на Република Српска.
Во следните три и пол години Младиќ беше еден од централните воени актери во босанската војна. Силите под негова команда контролираа големи делови од територијата на Босна и Херцеговина, а неговото име остана неразделно поврзано со опсадата на Сараево, борбите околу повеќе градови и енклави, како и со политиката на етничко чистење што доведе до масовно протерување на несрпското население.
Сребреница, најголемата дамка
Најтешкото обвинение против него се однесуваше на Сребреница во јули 1995 година. По падот на енклавата која Обединетите нации ја прогласија за „безбедна зона“, повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња биле убиени.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија подоцна утврди дека Младиќ бил одговорен за злосторствата извршени во Сребреница, како и за низа други злосторства во Босна и Херцеговина.
Бегство од јавноста и 16 години во илегала
По завршувањето на војната и потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година, Младиќ постепено се повлече од јавноста. Меѓународниот трибунал во Хаг го обвини за геноцид и други тешки злосторства, но тој речиси 16 години остана недостапен за правосудните органи. Во тој период престојувал на различни локации во Босна и Србија, а извесно време живеел и во Белград.
За тоа време Младиќ остана симболично и политички поделена фигура. Додека за жртвите и голем дел од меѓународната јавност претставуваше еден од главните одговорни за злосторствата во босанската војна, дел од српската јавност и националистичките кругови во него гледаа воен командант кој ја бранел српската страна во конфликтот. Самотoт Младиќ до крајот на животот ги отфрлаше обвиненијата и не ја прифаќаше пресудата против него.

Апсење, екстрадиција и долго судење во Хаг
Младиќ беше уапсен во мај 2011 година во селото Лазарево, во близина на Зрењанин во Србија. По апсењето беше екстрадиран во Хаг, со што беше отворена последната голема фаза од процесот против еден од најбараните обвинети за злосторствата во војните при распадот на Југославија.
Судењето траеше со години, а во ноември 2017 година Хашкиот трибунал го прогласи за виновен по 10 од вкупно 11 точки од обвинението и му изрече доживотна казна затвор. Беше осуден за геноцид во Сребреница, прогон, истребување, убиства, депортации и присилно преместување, за злосторства поврзани со Сараево, како и за земање припадници на Обединетите нации како заложници. За обвинението за геноцид во неколку општини во Босна и Херцеговина во 1992 година беше ослободен.
Во 2021 година жалбениот совет на Механизмот за меѓународни кривични трибунали ја потврди доживотната казна. Со тоа заврши еден од најзначајните процеси пред меѓународното правосудство поврзано со војните во поранешна Југославија. Младиќ остана во притвор во Хаг, каде што во последните години повеќепати беше хоспитализиран поради влошеното здравје.
Болеста не беше доволна причина да биде пуштен да умре дома
Во последните години Младиќ беше далеку од ликот на моќниот генерал од деведесеттите. Здравствената состојба му беше сериозно нарушена, а неговото семејство повеќепати бараше да биде пуштен на привремено или хуманитарно лекување. И покрај тоа, доживотната казна остана во сила и тој до смртта остана во притвор под надлежност на меѓународното правосудство.
Со смртта на Ратко Младиќ, на 84 години, завршува животниот пат на човек кој од професионален офицер на ЈНА, преку највисоките воени позиции во босанската војна, стана една од најконтроверзните личности на распадот на Југославија. Неговото име останува поврзано и со воената историја на регионот, но пред сè со судски утврдената одговорност за некои од најтешките злосторства извршени во Европа по Втората светска војна.

