📷 РАМА И АХМЕТИ СИ НАПРАВИЈА „ДА ПУКНЕ“ Лидерот на ДУИ средбата ја оцени како „братска“ и „искрена“
На средбата се разговарало за иднината на регионот и опасноста за Охридскиот договор.
Во еден скопски хотел, во рамките на Конференцијата на Европската Унија што се одржува во Скопје, денеска се одржа значајна средба помеѓу премиерот на Република Албанија, Еди Рама, и лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.
Средбата беше оценета како „братска“ и „искрена“ од страна на Ахмети, кој на својот официјален Фејсбук-профил сподели детали од разговорите со премиерот Рама. Како што истакна Ахмети, фокусот бил ставен на заедничката европска перспектива и предизвиците со кои се соочува регионот.
– Во време кога Албанија е на неповратен пат кон членството во Европската Унија, повторивме дека и Северна Македонија треба да биде дел од овој пат. Европската иднина на регионот е заедничка – во овој процес нема поделба – вели Ахмети.
Според него, на средбата се дискутирало и за сериозните закани за Охридскиот рамковен договор, актуелната состојба со меѓуетничките односи во земјава, како и потребата за продлабочување на билатералната соработка помеѓу Скопје и Тирана.
– Ова беше искрена средба, со политичка и братска длабочина, врз основа на еднаквост и европска перспектива. Му благодарам на премиерот Рама за континуираната поддршка на еднаквоста и европскиот пат на Северна Македонија – рече лидерот на ДУИ.
Според дипломатски извори, средбата доаѓа во критичен момент за регионот, кога прашањата околу евроинтеграциите и зачувувањето на мултиетничката стабилност добиваат нова тежина.