ПУТИН И СИ ЏИНПИНГ УДРИЈА ПО САД Двајцата лидери ги критикуваа НАТО и санкциите, обвинувајќи за глобална нестабилност
САД и нивните сојузници, преку обиди за проширување на НАТО кон азиско-пацифичкиот регион и преку создавање затворени блокови, ги нарушуваат мирот и стабилноста, наведуваат кинескиот претседател, Си Џинпинг, и рускиот претседател, Владимир Путин, во заедничката изјава. Според нив, Вашингтон се обидува да ги вклучи земјите од регионот во својата индо-пацифичка стратегија, што, како што велат, го поткопува просперитетот на целиот простор.
Одредени земји се обидуваат да ги искриват резултатите од победата во Втората светска војна, порачаа претседателот на Кина, Си Џинпинг, и претседателот на Русија, Владимир Путин.
Си Џинпинг е во посета на Москва по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, која Русија ја одбележува денеска како Ден на победата.
Ова е единаесетта посета на Си на Русија откако ја презеде функцијата во 2013 година. Тој и Путин вчера разговараа речиси 4 часа, нарекувајќи се еден со друг „блиски пријатели“. Путин најави и посета на Кина наесен, каде што ќе се одбележи поразот на Јапонија во Втората светска војна.
Заедничката изјава отиде подалеку од претходните, директно обвинувајќи ги САД.
„САД и нивните сојузници се обидуваат да го прошират НАТО кон азиско-пацифичкиот регион, создаваат затворени сојузи и се обидуваат да ги придобијат земјите во тој регион за нивната ’индо-пацифичка стратегија‘, со што ги поткопуваат мирот, стабилноста и просперитетот во регионот“, се наведува во текстот.
Кина со години го дели руското мислење дека проширувањето на НАТО ја загрозува безбедноста. Исто така, тие порачаа дека „едностраните принудни мерки, вклучувајќи ги и економските санкции кои го заобиколуваат Советот за безбедност на ОН, ги кршат Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право и ја нарушуваат глобалната безбедност“.
Кина со години е во трговска војна со САД, а двете земји викендов треба да ги одржат почетните преговори за смирување на тензиите. Истовремено, САД ја притискаат Русија да се согласи на мировни преговори со Украина.
Во изјавата се наведува и дека Русија „цврсто ги поддржува кинеските мерки за заштита на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и постигнување национално обединување“.
Иако Кина и Русија немаат официјален воен сојуз, тие имаат интензивна воена соработка. Според податоците на проектот ChinaPower, само минатата година одржале дури 14 заеднички воени вежби. На воената парада во Москва, која се одржува денеска, учествува и кинеска почесна гарда – првпат од 2015 година.