„ПУШТЕТЕ ГО ДЕКО, ПА НИЕ ЌЕ МУ ПРЕСУДИМЕ“ Родителите на загинатите во Кочани гневни поради барањето да оди во куќен притвор

Бранителката Ивана Коцевска, која побара Деко да оди во куќен притвор поради нарупено здравје, побара ваквите закани кон него да бидат внесени во записникот и родителите да бидат отстранети од судницата, но судијката Диана Груевска-Илиевска им даде предупредување.

771

Пуштете го, ние ќе му пресудиме, гневно реагираа денеска родителите на загинатите млади лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочни откако на почетокот на рочиштето адвокатката на првообвинетиот, сопственикот Дејан Јованов – Деко, повторно побара ефективниот притвор да му биде заменет со куќен, поради влошената здравствена состојба. Бранителката Ивана Коцевска реагираше до Судот зошто сè уште нема одлука по барањето, иако било поднесено на 20 април.

– Барам Судот да покаже малку човечност и хуманост. Кој било друг човек да беше обвинет во ваква здравствената состојба немаше да продолжи во притворски услови и молам одлуката да биде донесена без пристрасност и без влијание од јавноста – рече адвокатката на Јованов.

Таа до Судот достави извештај од преглед што на обвинетиот Јованов му бил извршен вчера

Присутните родители реагираа жестоко.

– Срамота. Пуштете го, ние ќе му пресудиме – повикаа тие.

Коцевска побара ваквите изјави да бидат внесени во записник и родителите да бидат отстранети од судницата. Судијката Диана Груевска-Илиевска рече дека засега ќе даде само предупредување.

Во врска со предлогот Јовановски да биде пуштен од притвор Обвинителство рече дека дополнително ќе се произнесе писмено, со оглед дека одбраната доставила дополнителна медицинска документација. На ова Коцевска возврати дека предлогот е поднесен пред 8 дена и дека Обвинителството досега имало доволно време да ја разгледа медицинската документација,

Судот праша дали Обвинителството може да се изјасни во моментот.

– Обвинителството не може да даде позитивно мислење – рече обвинителот Борче Јанев.

Укинување на актуелната мерка куќен притвор побара и одбраната на обвинетиот Беким Хаџиу, исто така, поради нарушено здравје.

– Предлагам укинување на мерката куќен притвор за Беким Хаџиу поради нарушено здравје. Има хронична хипертензија, или висок крвен притисок кој не се спушта под 180 со 110, а има закажано и хируршки зафат. Поради ова, Хаџиу има препорака за дневни пешачења надвор. Предлогот е испратен до Кривичниот совет кој го одби предлогот, затоа се обраќам до Судечкиот совет кој ги има сите извештаи. Бараме определување на поблаги мерки, бидејќи нема опасност од бегство – рече одбраната.

Одбраната на Тодор Јованов, братот на Дејан Јованов-Деко побара да се укине притворот за него, бидејќи тој во целост дал исказ за сите прашања кои биле од интерес на истрагата.

– Ние дадовме и гаранции во кои негови пријатели дадоа под хипотека куќи. Во врска со опасноста од бегство, тој нема од што да бега. Тој има фамилија тука. Го молам Судот куќниот притвор да биде определен во Скопје, каде што неговата сопруга има престојувалиште – рече одбраната.

Одбраната на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу, побара да му биде укината една од актуелните пет мерки за претпазливост.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

ОБДУКЦИЈАТА ПОКАЖАЛА ДЕКА 59 ЖРТВИ ЗАГИНАЛЕ ОД ТРУЕЊЕ СО ЈАГЛЕРОД МОНОКСИД Презентирани причините за смртта по пожарот во „Пулс“

Поврзани содржини