ПРВО ДА ДОБИЕМЕ НОВА ВЛАДА, ПОТОА СРЕДБА СО БУГАРСКИОТ ПРЕМИЕР Османи очекува враќање на довербата меѓу Скопје и Софија

309

Прво треба да се формира новата влада во Собранието, па дури потоа ќе следи средба со бугарскиот премиер Кирил Петков. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Точно е дека предвидувам интензивирање на комуникацијата уште во првите денови и недели од оваа година. Сепак, треба да се изгласа новата влада во Собранието, за потоа да може формално да се остварат средби на идниот премиер, па и на претставниците на Владата. Меѓутоа, ние во меѓувреме ќе има подготвителни активности – рече Османи.






Прашан за бугарската декларација, тој рече дека тоа е внатрешно прашање на Бугарија.

– Очекуваме конструктивни разговори со новата Влада во Бугарија, враќање на довербата, разговор по однос на суштинските прашања коишто ги имаме на маса и брзо деблокирање на процесот. И тоа е за нас најважно – рече Османи.

На прашањето за изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за можно одвојување на Албанија од пакетот Османи оцени дека неформалното политичко групирање на Албанија и на Северна Македонија е во интерес на двете држави.

– Овие процеси се циклични, денеска Албанија нема проблем, Северна Македонија има, меѓутоа во 2019 година беше обратна ситуацијата, ние немавме проблеми, Албанија имаше проблем. Доколку краткорочно гледаме, можеби ќе имаме одреден интерес за еден чекор во процесот, меѓутоа долгорочно сметам дека со регонална динамика двете држави ќе добијат. Затоа сметам, ако е ова аргумент плус, за убедување на албанските државјани, на албанската Влада, дека неформалниот регионален пристап е во интерес на двете држави, па и на регионот во целина. Но, Албанија има право да бара такво нешто бидeјќи процесот е индивидуален – појасни министерот за надворешни работи Бујар Османи

Македонија стана дел од триото претседавачи на ОБСЕ, или познато како ОБСЕ тројка, заедно со сега веќе минатогодишниот претседавач Шведска, како и актуелниот претседавач за оваа година Полска. Со тоа и формално започнуваат и обврските на земјава поврзани со претседавањето во 2023 година со најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ, во која членуваат 57 земји, плус 11 медитерански и азиски земји партнери на Организацијата, информираше на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи.

– Со денешниот ден, како прв работен ден во годината, нагласи Османи, го преземаме претседавањето со Групата на медитерански партнери – Алжир, Египет, Израел, Јордан, Мароко и Тунис и притоа како копретседавачи во првата година од нашето учество во тројката ќе ја организираме и Медитеранската конференција меѓу ОБСЕ и земјите медитерански партнери најверојатно во Скопје, а потоа го преземаме и управувањето со донесувањето на буџетот на Организацијата – објасни Османи.

 

Поврзани содржини