ПРВАЧИЊАТА ДА СИ ПОБАРААТ БРАТЧЕ ИЛИ СЕСТРИЧЕ ОД РОДИТЕЛИТЕ Јаневска со порака за зголемување на наталитетот

Ако продолжиме вака, ние постојано ќе затвораме училишта, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со намалениот број на ученици.

0

 

Подготвени сме за учебната година, учебници има, видливо е дека инфраструктурата се подобрува, дека обезбедуваме технички помагала и сè што е потребно. Имаме кошничка со поевтин училиштен прибор. Им пожелувам на сите многу, многу успех, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, по повод почетокот на учебната година.






Јаневска им посака успех на учениците и на нивните наставници, со порака вредно да учат и да другаруваат.

Во врска со затворањето на училишта во државата, главно во руралните средини поради недоволен број ученици, Јаневска упати порака за подобрување на демографијата.

– Ако продолжиме вака, ние постојано ќе затвораме училишта. Оттука, можеби порака до првачињата: освен да бараат да стекнат знаење, можеби треба да бараат да стекнат братче или сестриче за овие привремено затворени училишта во иднина повторно да ги отвориме. Населението да стане свесно колку е значаен човечкиот капитал, пред сè за нив самите и нивниот живот и, секако, за нивната држава – нивната татковина. Затоа што сите знаеме што значи да се живее во една прогресивна и добро развиена земја – рече Јаневска за време на посетата на основното училиште „Ацо Шопов“ во Бутел.

Претходно, пред училиштето „Киро Глиговор“ во Центар, одговарајќи на новинарско прашање дека бројот на првачиња е намален за речиси 3.000 споредено со лани, Јаневска рече дека  „демографијата е посебна наука и многу нешта треба да се направат во тој правец“, а во образованието се воведени многу мерки со кои се подобруваат условите за учење.

– Пред две години направивме три сликовници за прво до трето одделение, со наслов „Јас, мама, тато, дада и бато“. Се надевам дека училиштата ги користат. Сè што правиме е многу сериозно – инфраструктура, технологија, нови наставни програми, нови наставни помагала, учебниците се редовно снабдени. Сè со цел да им е попријатен животот на децата во Македонија. А кога на децата им е убаво, и нивните родители ќе сакаат, претпоставувам, да останат тука и ќе се охрабрат да имаат повеќе дечиња – рече министерката Јаневска.

На демографскиот пад како главна причина за намалувањето на бројот на ученици денеска укажа и премиерот Христијан Мицкоски.

НАМАЛЕН Е БРОЈОТ НА ПРВАЧИЊА ЗАТОА ШТО Е НАМАЛЕН БРОЈОТ НА НОВОРОДЕНЧИЊА Годишно се раѓаат 8.000 бебиња помалку од времето пред пандемијата

Поврзани содржини