Протоколот е правно ништовен и не смее да наметнува штетни дејствија

Во меѓународната политика, за да биде еден билатерален договор важечки, тој мора да се ратификува во парламентите на двете земји. Договорот за пријателство со Бугарија е ратификуван во 2017, но НЕ и Протоколот. Затоа е потребно овој Протокол и формално да се поништи и потоа да се коригира.

2,480

Со полно право се дигна бура по препораките од историската комисија помеѓу Македонија и Бугарија, затоа што е очигледен обидот за политички инженеринг на македонската историја и нација. Целта е политичка принуда сами Македонците да „признаат“ дека се вештачка нација со бугарски јазик и бугарска историја, по што би следеле други дејствија за духовно и политичко подјармување. Накусо, остварување на романтичарскиот сон за Сан-Стефанска Бугарија, добиена на мировната конференција за крај на Руско-турската војна во 1878, со траење од само 3 месеци на хартија.

Изнасиленото и „нормирано“ заедничко одбележување историски личности се повикува на Протоколот од Вториот состанок на меѓувладината комисија, потпишан на 17 јули 2022 година, со кој историската комисија била „задолжена“ во рок од еден месец да ги објави заклучоците за пет историски личности. Овие заклучоци, пак, биле претходно усвоени со Протоколот од Првиот состанок на меѓувладината комисија, потпишан уште на 10 јуни 2019. Споредбено, првиот протокол е повеќе записник од состанок, за разлика од вториот протокол, кој е обемен диктат на бугарски барања до Македонија, со зачудувачки „креативни“ решенија. (Човек да остане вџашен, колку ли фрустрации и омраза треба некој да има, за да смисли такви начини за повреда и понижување на комшијата…) Поради форматот и контекстот на овој документ, ќе се фокусирам на него и ќе го подразбирам како Протоколот.






Ништо без ратификација

Протоколот се повикува на членот 12 од Договорот за пријателство помеѓу двете земји од 2017 година. И двата документа се наведени во заклучоците од Советот на ЕУ, преговарачката рамка и документите за почеток и за крај на македонското отворање на преговорите. Не е лесно да се објасни заемната поврзаност и меѓузависност на сите овие документи, зашто се прилично несинхронизирани и неконзистентни. Треба да ги анализираме еден по еден, за да знаеме како да ги насочиме идните битки: што е важечки документ, што е ништовен документ, што можеме да оспориме и што мораме да корегираме, независно од формално-правната валидност. Се мислеше дека корекциите ќе се прават од позиција на членка на ЕУ, но, очигледно, комшииве нема да дозволат да влеземе, па ќе мора да се почне со оспорувања и корекции веднаш, без одложување. Немаме што да изгубиме, зашто ваквата рамка е јамка и невозможно е низ неа да се помине за влез во ЕУ.

Во меѓународната политика, за да биде еден билатерален договор важечки, тој мора да се ратификува во парламентите на двете земји. А за да може тој договор да се операционализира, двете земји треба да усогласат протокол за негово спроведување, со дефинирање опфат, методи, алатки и, евентуално, времетраење на активностите. Вака усогласениот протокол мора повторно да помине ратификација во двата парламента, преку носење на т.н. Закон за ратификација на протоколот од договорот. Истово важи и за мултилатерални договори.

Оваа процедура ја применува и Македонија, во склад со Виенската конвенција (1969) како генерална рамка за меѓународното право и со македонската легислатива: Уставот, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори (1998), Законот за надворешни работи (2015) и Деловникот на Собранието.

Во македонското Собрание се ратификувале стотици договори и протоколи на меѓународни договори во различни области – трговија, транспорт, култура, образование, клима, насилство врз жените, визен режим, односи со други земји и сојузи итн. Договорот за пријателство со Бугарија е ратификуван во 2017, но НЕ и Протоколот. Тој се преговараше и чуваше во длабока тајност, небаре е приватна зделка, се до потпишувањето  на 17 јули 2022 година, еден ден по собраниското гласање за францускиот предлог за почеток на преговори со Македонија на 16 јули. (Протоколот НЕ МОЖЕ ни правно, ни логички да биде дел од тој пакет, кој се усвоил и во ЕУ и кај нас, пред тој да биде потпишан!).

Овој протокол сега не е полноправен акт, туку обичен записник

Со оглед на тајноста, интересно е како и колку е испочитувана законската процедура од Законот за меѓународни договори, за дефинирање основа за преговори со црвени линии одобрени од Влада, за известување на Владата за отстапувањата од зададеното, кои очигледно биле големи, се до одобрение за нова преговарачка позиција… Дали преговарачите имале формално владино овластување, како им се случило ниедно наше суштинско барање да не биде прифатено од ЕУ, а сите и најлуди барања на Бугарија да поминат… Зошто не побарале помош од јавноста, зошто се изолирале и со тоа си ја слабееле својата, но и нашата заедничка позиција како Македонија?

Не е целта барање виновници, никому не му било лесно, претпоставувам. Но целта е да извлечеме поуки, да се обединиме околу одбраната на државата и да си помогнеме.

Дефинитивно, Протоколот ја нема поминато легалната парламентарна процедура за ратификација преку разгледување на Комисија за надворешни работи и на пленарна седница. Протоколот НЕ Е ПОЛНОПРАВЕН АКТ потврден од парламентот, туку останува само ЗАПИСНИК од состанокот на меѓувладината комисија! Протоколот е правно ништовен и не смее да наметнува штетни дејствија како, на пример, препораките од историската комисија со бугаризирана историја, контрола на нашето образование, печатење учебници, менување натписи на споменици и ред други непристојни работи, диктирани од бугарската великодржавна политика.

ТОКСИЧЕН ПРОТОКОЛ

Да бидеме на јасно, постојат протоколи кои ги потпишуваат државни органи и кои не подлежат на ратификација, но тие содржат само технички и оперативни податоци и не засегаат во политичкиот и идентитетскиот концепт на државата. Тоа не е случај со овој ТОКСИЧЕН ПРОТОКОЛ, кој ѝ задава на Бугарија едвај 2 безопасни, а на Македонија дури 17 обврски, крајно непринципиелни и понижувачки, кои задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет. Со ваквиот протокол органите на управата самите си преземаат нови обврски за државата, спротивно на законот.

Ова би требало да го знаат преговарачите од Министерството за надворешни работи и од Владата. Дали е превид, дали е незнаење и наивност, или свесно се избегнала ратификацијата за да не се крене јавноста, не е ни најважно во моментов. Важно е ова да се каже и да се обзнани, за да се утврди официјално ништовноста на документот, а потоа да се отвори транспарентен и правно издржан процес за нов, НОРМАЛЕН ПРОТОКОЛ за спроведување на Договорот за пријателство. Тој мора да води сметка за достоинството и интересите на двете страни. Само таков може да се ратификува во Собранието и да произведе правни дејствија во насока на пријателство и добрососедство. Еден ден, кога ќе стивнат сан-стефанските труби и зовриените страсти.

„Опасните“ места во Договорот

Дотогаш, останува меѓународно важечки постоечкиот Договор за пријателство и добрососедство, се дури некоја Влада не го видоизмени или раскине, сходно на членот 13, точки 2 и 3 од самиот Договор, со договарање или известување на другата страна. Затоа е многу важно да знаеме што точно содржи тој акт и на што мора да се внимава за заштита на државниот интерес. Најмногу критики за Договорот се упатени на преамбулата и членовите 8 и 12, апострофирајќи ги како „опасни“ места, но тие стануваат такви само кога ќе се прифати извртеното бугарско толкување.

Во преамбулата, надвор од нормативниот дел, стои поимот „заедничка историја“: „Имајќи ја предвид заедничката историја…почитувајќи ги принципите на Повелбата на Обединетите нации и документите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, како и … актите на Советот на Европа…“ (Патем, сите споменати меѓународни акти се апсолутно спротивни на бугарското „боење“ и етничко присвојување на историјата!) Европското толкување на синтагмата „заедничка историја“ не би требало да создава главоболки, зашто нашите две земји како соседни биле во заеднички држави и тоа е дел од една политичка хронологија. Последниот таков дел од заедничката историја ни бил во 1941-44, кога Бугарија била окупатор, а Македонија окупирана. При нормални европски практики, би очекувале да следи констатација и извинување за страдањата и жртвите на фашистичкиот режим, како и репарација за штетите.

Другото „опасно“ место е членот 8, според кој требаше да се формира експертска историска комисија, која ќе „придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“. Текстот продолжува со можност, при „заемна согласност“ да има „заеднички чествувања на заеднички настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“. Ништо повеќе, нема рокови, ни „норми“. За науката сето време на планетава е на располагање. Па вакви и слични комисии имале и имаат многу европски земји и тие дискутираат со децении, понекогаш и негде ќе дојдат до научно блиско толкување, но најчесто се пристојни во дебатите за нивните разлики.

Третото „опасно“ место е членот 12, каде што се предвидува формирање меѓувладина комисија, која се грижи за примена на Договорот, се состанува еднаш годишно и во која членуваат министрите за надворешни работи. И толку е тој фамозен член 12. Никаде не пишува дека таа меѓувладина комисија ќе си го „прошири и надгради“ основниот Договор, па сама, без Собранието, надвор од јавноста, ќе се договара и „нормира“ колку заеднички историски личности ќе открие за колку време, колку измени во историски и географски учебници ќе направи, кога и како ќе внесе некого во Уставот и ред несоодветни активности…

Во неколку други членови од Договорот, има заложби за заеднички инвестиции, подобрување на транспортната инфраструктура, царински олеснувања, развој на туризмот и меѓуграничната соработка, соработка во здравството, културата, социјалата и спортот. Убави, нормални работи за пријателски договор.

Но, сме слушнале ли за некој поголем успех на овие полиња? Дали по децении наши заложби и молења, сега зајакнати и со одредби од Договорот, Бугарија го направи граничниот премин Клепало кај Берово, или пругата и патот од Коридорот 8? Дали обезбеди некој значаен заеднички проект? Ништо од бугарските обврски што би биле во интерес на Македонија, или во заемен економски интерес, не е исполнето! Наместо реалистичен развоен пристап, нашиве комшии Европејци се целосно далдисани по ископување средновековни бугарски корени на Македонците, во време кога ни народ, ни нација имало…

БУГАРИЈА ДВОЈНО ГО ПРЕКРШУВА ДОГОВОРОТ

Мора да се каже дека Бугарија прави двојно прекршување на Договорот за пријателство. Од една страна, вештачки и спротивно на меѓународното право го проширува и надоградува со непријателски содржини преку правно неважечки Протокол, мешајќи се во нашите внатрешни работи, уставен поредок и колективна меморија. Притоа го користи и злоупотребува својот статус на членка на ЕУ и правото на вето за уценување и нанесување директна штета на развојот на нашата држава и квалитетот на живот на македонските граѓани.

Од друга страна, Бугарија веќе има направено серија материјални прекршувања на неколку членови од Договорот: член 1, развивање односи во склад со основните принципи на меѓународното право и добрососедство; член 2, поддршка на Македонија во евроинтеграцијата; член 11, обврска да не презема и поддржува дејствија со непријателски карактер; обврска да не дозволи организации и групи со цел за субверзии и сепаратистички дејствија; обврска да спречува недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции, како и поттикнување насилство и омраза.

Да се дигне рачна во односите со Бугарија

Ова е она што јас го читам во Договорот за пријателство помеѓу Македонија и Бугарија, но и она што го гледам од неговото спроведување. Во овој момент, интерес на Македонија, на Македонците и сите македонски граѓани, е да се дигне рачна во односите со Бугарија. Да се отвори дебата во општеството, во институциите, секако во Собранието, за следните можни чекори: писмено известување и објаснување до Бугарија за потребата од формално поништување на Протоколот; најава за можен прекин на Договорот, поради неисполнување на важни развојни одредби од заемен интерес и прекршување на редица членови; барање за итен прекин на прекршувањата на Договорот со непријателски дејствија преку бугарските клубови, изјави и дејствување на највисоки бугарски функционери; барање за дигање на ветото за почеток на нормални преговори на Македонија без непринципиелни уцени.

Истовремено, да работиме на објаснување на македонските позиции, реални состојби и проблеми кај пријателите од ЕУ, се дури има макар теоретски шанси за напредок. Има многу добри и чесни луѓе таму, да ги замолиме да ни бидат сојузници во нашата борба за правда за Македонија!

Поврзани содржини