ПРОПАГАНДА НА КРЕМЉ Вашингтон ги отфрла руските тврдења за вмешаност на Украина во терористичкиот напад
Тоа нема никаква врска со Украина... Ова е само дополнителна пропаганда на Кремљ - изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.
Белата куќа денеска ги отфрли руските тврдења дека пукањето во концертната сала „Крокус сити хол“ во близина на Москва, во кое загинаа 137 лица, е поврзано со Украина, објавија британските медиуми.
– Тоа нема никаква врска со Украина… Ова е само дополнителна пропаганда на Кремљ – изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби на прес-конференција.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова ги обвини САД дека се обидуваат да ја спасат Украина со спомнување на терористичката група Исламска држава (ИД, ИСИС) којашто е забранета во Русија.
– Американските политички инженери се појавија со своите приказни дека терористичката група ИСИС го извршила нападот во „Крокус сити хол“. Оттука доаѓа и секојдневното спасување од страна на Вашингтон, од неговите одделенија во Киев, со обид да се покрие себе и да го покрие режимот на Зеленски што го создадоа со плашилото на забранетата ИСИС – рече Захарова.
Захарова истакна дека голем број фактори директно и индиректно укажуваат на вмешаноста на американските власти во спонзорирањето на украинскиот тероризам.