ПРОНАЈДЕНИ ОРУЖЈЕ, МУНИЦИЈА, ДРОГА, ПАРИ… Серија претреси во Брвеница, петмина уапсени

Кај еден од уапсените полицијата пронашла два списоци и тетратка со имиња, два компјутери, како и поголема количина готовина.

0

Полицијата рано утрово изврши серија претреси во тетовското село Брвеница, при што беа пронајдени оружје, муниција, дрога и поголема сума пари. Во акцијата уапсени пет лица, на возраст од 36 до 69 години, сите жители на селото.

Полициски тимови од СВР Тетово, со судска наредба, претресувале куќи, помошни објекти и патнички возила. Кај еден од осомничените биле пронајдени неколку паковки со бела прашкаста материја, куршуми за автоматска пушка, куршуми за пиштол и чаура. Кај друго лице биле одземени муниција, пиштол и рамка со куршуми кои ги поседувал без дозвола, како и дигитална вага со остатоци од прашкаста материја.






При претресите, кај трет осомничен бил откриен пиштол без дозвола, додека ловечкиот карабин, ловната пушка и уште еден пиштол ги поседувал легално. Кај четврто лице полицијата пронашла два списоци и тетратка со имиња, два компјутери, како и поголема количина готовина – над 31 илјада евра, швајцарски франци и денари. Кај петтиот осомничен е пронајдена бела прашкаста материја.

Лицата се задржани во полициска станица, а по целосно расчистување на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави за недозволена трговија со дрога и оружје.

Поврзани содржини