Прокрустовата постела од Мала Речица
Историјата е како и животот на човекот: не завршува со смртта! Животот на еден човек продолжува во меморијата на другите, а слично е и со државите и со историјата: империи и царства престанувале да постојат, но сеќавањата за нив останале во сеќавањата и во книгите; цареви и кралеви умирале, но нивните животи и (не)дела продолжувале во митовите, легендите, учебниците… Затоа историјата на една земја е бескрајна приказна, но секоја различна од другите. Допирни точки постоеле, постојат, и ќе постојат, но суштината е една, неделива и неменлива за секоја одделно.
Парафразирајќи ја ступидната изјава на штотуку поставениот нов НАТО генерален секретар Руте дека правото на Киев на самоодбрана „не завршува на границата“, секој нормален ќе се запраша: а каде почнува и каде завршува нашето право на самоодбрана? На самоодбрана од историски, јазични, идентитески… и од културни агресии, од наметнувањето на некаков малоумен систем на вредности каде што силеџијата секогаш е во право, каде политикантските интереси, маскирани како геополитика, подметнуваат нови едноумија и автократски правила…? Каде што вашата историја треба да ја мерите на небалансирана вага со некои други, соседни, а европските примери да ви бидат некаква нова ѕвезда водилка?
Сето ова е само мал дел од она што ни се случува низ актуелниов евроинтегративен процес и инсистирањето на некакво (невозможно) „билатерално усогласување“ со вашиот довчерашен окупатор и актуелен негатор – а има и посилни зборови, ако затреба – со нивелирањето на историските процеси во некакво „ЕУ едномислие“ коешто од наш агол најмногу наликува на невозможна мисија.
Велам невозможна зашто историјата, за среќа, или за нечија жал, е специфична наука што не е на таков начин „компатибилна“, каде што едно „правило“ или „закон“, искуство или след на настани, не важи за сите истовремено. Поинаку кажано, нема две идентични, па ни слични истории, што би можеле да се споредуваат, надополнуваат или проткајуваат. И да „учат“ едната од другата. Секоја историја на одделна држава е „приказна“ за себе. Секако, таа може да биде испреплетена со историјата на друга или на повеќе држави во дадени периоди, но тоа не ги прави идентични или слични. Уште помалку блиски. Тоа е само – привид! Испреплетените истории, или „допирните точки“ како контактни историски „зони“ во одредени периоди, никогаш и никаде не се разгледуваат како идентични туку единствено како можни споделени историски мигови со различно времетраење. И значење, секако.
Историјата е како и животот на човекот: не завршува со смртта! Животот на еден човек продолжува во меморијата на другите, а слично е и со државите и со историјата: империи и царства престанувале да постојат, но сеќавањата за нив останале во сеќавањата и во книгите; цареви и кралеви умирале, но нивните животи и (не)дела продолжувале во митовите, легендите, учебниците… Затоа историјата на една земја е бескрајна приказна, но секоја различна од другите. Допирни точки постоеле, постојат, и ќе постојат, но суштината е една, неделива и неменлива за секоја одделно.
А ние денес потполно ја оживуваме познатата мисла на Фокнер за историјата којашто вели дека „минатото никогаш не е мртво, тоа дури не е ни минато“. И тоа е една од најголемите вистини за минатото и за историјата како негово протеже зашто секој миг од нашите сегашни животи е миг од светот на минатото, на еден или на друг начин. Ние сме опколени, да не речам прогонувани, од сеќавања и остатоци од тоа минато и неговите ефекти врз нас – како единки и/или како групи, заедници, народи… и тие сеќавања, спомени и остатоци, добри или лоши, се постојано со нас и не можат едноставно да бидат избришани или поништени.
За жал, последниве три децении со нас се само лошите спомени и сеќавања, оние од Втората светска војна или неколку години порано, оние од Балканските војни и од Букурешткиот договор, оние од Сан Стефано или Версај итн. Повампирените балкански апетити будат и некакви чудни внатрешни колаборационистички манифестации, градат непринципилени коалиции и партнерства коишто уште повеќе ја засилуваат валидноста на мислата на Фокнер за историјата, односно минатото, и за сегашноста.
Зашто, на пример, погледнете ја онаа весела дружба во Мала речица, каде што се коваат некакви неприродни – или грешам? – „блиски соработки“ (божем) во поглед на некаква европска иднина и добрососедството, токму со амбасадорот на дотичната земја директно и неотповикливо заинтересирана за „процесот“. Но, патем, и за многу други нешта. Згора на тоа, се лиферуваат и соодветни на чинот памфлетни пораки дека, ете, преговарачката рамка одобрена од Европската унија е јасна и мора да се спроведе за да сме го продолжеле нашето патување кон Брисел. И понатаму, се разбира, ламентацијата за „реалноста“ на некаква „Бугарска заедница“ во Македонија којашто треба час поскоро да биде вклучена во Уставот бидејќи од тоа никој ништо не губи, туку сите добиваат. Ма немој.
Таквите „реалности“, оние што, по правило, на Прокрустовата постела ги сместуваат само другите, се дамнешен омилен рецепт на овие простори: секогаш е полесно за другите отколку за себе да ја најдете соодветната „мерка“ односно решение! Да го „развлечете“ дотичниот ако е мал, или да му ги скратите нозете, па и главата, ако стрчат вон поставените „вредности“. А „губитоците“ и/или придобивките од тие „процеси“ е логично да се остават на засегнатите, нели? Така, впрочем, повторно доаѓаме до оние страотно злонамерни и во основа безобразни пренемагања во медиумите од типот „што мислите, зошто некој би чмаел тука заедно со нас ако има боља перспектива“?
И како тоа, и зошто, ние секогаш мора да имаме разбирање, па и почит, за нечии и некакви силеџиски арбитрарни „стандарди“, занемарувајќи ја историската катастрофална штета на цел еден народ? И кој кого, всушност, „задржува“ во чмаење цели три децении? И која е таа „боља перспектива“, и за кого? И каква е таа „историска шанса Македонија да стане европска држава во вистинска смисла“ ако прво треба да легне на Прокрустовиот железен кревет да ѝ „земат мерка“, односно да ја униформираат според нечии налудничави стандарди? И какви се тие сељачки пароли за „вистински државници“, за „волјата на народот“, за некакви „државни интереси“… кога овде, едноставно, станува збор за здрав разум?! Само што високата цена на инсистирањето на исполнувањето на нечии агенди нема да ја плати оној грст клиенти кои секојдневно дуваат во мегафоните на „ЕУ оптимизмот“, туку ќе ја плаќаат идните генерации.
Но, едно останува сигурно: кај нас, веќе одамна, нема политика, уште помалку морал или цивилизиран дијалог. Доминантна е силата – онаа најгруба, простачка, недоделкана и брутална сила, многу слична на „методот“ на Прокруст, којашто меле и обезличува сѐ пред себе и којашто има верни поддржувачи. Сѐ се решава по пат на сила, притисок, закани, застрашувања… И преку создавањето непринципиелни коалиции коишто стануваат, повторно, нова реалност, само со други играчи. И со различни цели.
Извор: Теодосиевски уметност