Центарот за јавно здравје Тетово – епидемиолошка служба Гостивар попладнево прогласи епидемија во Гостивар, објави Гостиварпрес.
„Поради зголемен број заболени, надминување на лимитот на неделно ниво пријавуваме епидемија на подрачје на Гостивар. Редовно ја следиме состојбата, анкетираме заболени пациенти, се преземаат мерки“, информираа од службата.
Состојбата и натаму се следи на дневно ниво, а бројот на заболени со стомачна инфекција покажува раст. Во последните 24 часа во гостиварската болница биле прегледани околу 200 пациенти на Инфективното одделение и околу 110 деца на Педијатрија, најголемиот дел со симптоми на дијареа, повраќање и дехидрација. Во Итна помош се јавиле 290 лица.