ПРОФЕСОРИ ОД НЕКОИ ОПШТЕСТВЕНИ НАУКИ ЌЕ БИДАТ ИЗЗЕМЕНИ ОД БАЗАТА WEB OF SCIENCE Ќе објавуваат трудови во базата Scopus
Секој што ќе аплицира за избор во звање - доцент, вонреден или редовен професор, отсега, во зависност од звањето, ќе има обврска до изборот да изработи и објави од шест до седум научни труда.
Универзитетските професори од неколку области од општествените науки – филологија, фолклор, археологија, етнологија и национална историја – ќе бидат изземени од обврската за објавување трудови во списанија со импакт-фактор од базата на Web of science како обврска за напредување во повисоко звање затоа што достапни им се помал бројот списанија со фактор на влијание во оваа научна база и поради тоа ќе им биде потешко да го исполнат критериумот што се предвидува со новиот закон за високо образование. Наместо тоа, тие ќе може да објавуваат во списанија со импакт-фактор во базата Scopus.
Министерката Весна Јаневска на прес-конференција денеска рече дека во базата на Web of science има речиси 1.300 списанија што објавуваат трудови од општествените науки.
– Бидејќи сакаме постепено и во континуитет да ги правиме промените за добивање квалитет во високото образование, решивме овие науки да ги исклучиме од Web of science и тие ќе може да објавуваат во списанија со импакт-фактор во базата Scopus. Тоа е големо олеснување имајќи разбирање за приспособувачкиот период во кој наставниците ќе треба да ги постигнат резултатите што сега законот ќе ги бара од нив – рече Јаневска.
Напредувањето во звања е меѓу поважните новини во новиот закон за високо образование затоа што се зајакнуваат критериумите. Секој што ќе аплицира за избор во звање – доцент, вонреден или редовен професор, отсега, во зависност од звањето, ќе има обврска до изборот да изработи и објави од шест до седум научни труда. Три-четири од нив треба да бидат објавени во списание со импакт-фактор од базите Web of science или Scopus. За професорите што ќе бидат затекнати при изборот во звања ќе има олеснувања на постапката. Новиот закон предвидува еден професор да може доживотно да остане во исто звање доколку ги исполнува условите за тоа при секој нареден избор. По усвојувањето на законот, избраните редовни професори во иднина ќе имаат реизбор по седум години. Тие што се веќе избрани во редовни професори нема да бидат опфатени со овој закон.
Според новиот закон за високо образование, докторски (трет циклус) студии ќе може да организираат првите четири рангирани универзитети во државава откога ќе се направи првото национално рангирање, што се очекува една година по донесувањето на законот. Министерката Јаневска посочи дека дотогаш тие ќе работат како и до сега.
– Овој закон првпат предвидува национално рангирање, кое ќе го спроведе МОН. Додека да се спроведе првото национално рангирање, останува така како што е досега. Ние им даваме и други услови, на пример: да постојат десет години, нивните научници да имаат објавено најмалку 500 труда, да имаат по тројца ментори за секоја студиска програма и уште неколку други што ќе треба да ги исполнат, без оглед дали се први или последни на ранг-листата. Ова ќе потттикне натпревар меѓу универзитетите, што е исклучително значајно, и ако сите ги исполнат овие услови, сите ќе добијат можност за докторски студии. Се надевам дека во догледно време, за неколку години, сите јавни универзитети ќе успеат да ги постигнат овие услови – рече министерката Јаневска на прес-конференцијата, на која го претстави пакетот од три закони за високото образование и за научноистражувачката дејност.