ПРИВЕДЕН Е ЗОРАН ДАВИТКОВ – ЧОВЕКОТ КОЈ ТРЕБАЛО ДА СЕ ОСЛОБОДИ ОД РАНЕЦОТ НА ПАЛЧО Експресна реакција на Обвинителството и на полицијата по изјавата на Манев
По денешниот завршен збор на Манев, полицијата по наредба на јавен обвинител го лишила од слобода Давитков. Од Обвинителството потврдија дека полицијата презема и други дејствија.
Приведен е Зоран Давитков, вработен во Народна банка, откако денеска во судот обвинетиот Велибор Манев го посочи како човек кој добил задача од Љупчо Палевски да се ослободи од синиот ранец во кој бил пиштолот со кој наводно се извршени убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.
По денешниот завршен збор на Манев, полицијата по наредба на јавен обвинител го лишила од слобода Давитков. Од Обвинителството потврдија дека полицијата презема и други дејствија.
Манев денеска во завршниот збор се осврна на синиот ранец на Палевски, за кој остана мистерија што се случило со него.
– Ова е последната коцка од сложувалката. Дека ранецот е кај Зоран Давитков, член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка, дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски „пакетот“, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. После тоа морав да го известам Палевски дека сум се јавил и сум ја пренел пораката. Тоа е сѐ за фамозниот ранец и за тоа дека лажам за ранецот, иако го има на камери – рече Манев откривајќи го идентитетот на овој лик.