ПРИТВОРОТ ДА НЕ СЕ КОРИСТИ ПРЕЧЕСТО, ПОВЕЌЕ ДА СЕ БАРААТ ФИНАНСИСКИ ГАРАНЦИИ Колку се побогати обвинетите, толку повисоки ќе бидат гаранциите
Државниот обвинител Савески ќе бара обвинителите прво да бараат поблаги мерки за обезбедување присуство на осомничените и на обвинетите, затоа што притворот е најска мерка за држава, но и најнехумана.
Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески, говорејќи за модернизација на обвинителството, вели дека притворот ќе биде една од темите за кои ќе воведе промени. Тој важеше за судија кој не ги прифаќаше секогаш барањата на обвинителството некому да му се изрече притвор.
– Сето она што произлегува од праксата на Судот во Стразбур, односно од одлуките, особено одлуките коишто се однесуваат и нè коригираат нас во постапувањето, секој јавен обвинител да ги има предвид – рече обвинитело Савески во интервју за „360 степени“ на МРТ .
Додаде дека притоа мисли и на мерката притвор, којашто се регулира со член 5 од Европската конвенција за човекови права и слободи.
На прашање кој е неговиот генерален однос кон определувањето притвор, кога и колку треба да се определува таа мерка, државниот бвинител истакна дека Македонија е сиромашна држава, а притворот е скапа мерка.
– Притворот е најригорозна мерка од мерките коишто ги нуди Законот за кривична постапка. Меѓутоа и најскапа и најнехумана. Еден ден во притвор значи одвојување на парични средства од буџетот. Како сиромашна држава треба да водиме сметка и за тоа. Да се однесуваме согласно нашите можности. Ако куќниот притвор може да ги задоволи потребите за обезбедување на конкретен обвинет во една постапка, зошто секогаш да почнеме од најстрогата мерка, којашто кажувам дека е најскапа и најнехумана? Кога го спомнувам и тоа дека таа мерка сама по себе не е хумана, тука ги имам предвид и условите во коишто се издржуваат притворите. Нашите казнено-поправни установи, институциите каде што се издржува мерка притвор, според извештаите од меѓународниот фактор, не се на задоволително ниво. Напротив, условите во коишто се издржуваат овие мерки се нехумани. Тоа треба да се има во предвид за нас од финансиски аспект, за имиџот на нашата држава пред меѓународниот фактор од аспект на хуманост – рече Савески.
Трета работа којашто е битна, додаде, е дека секогаш треба да се има предвид дека треба да се почне од најблагата мерка, па до најстрогата.
– Прво треба да се елиминира најблагата, ако со неа не може да се обезбеди присуство на обвинетиот, па потоа… Јас, на пример, и како судија и претходно кога сум бил обвинител, сум бил поборник секогаш да применам поблага мерка, а мерката притвор да ја избегнам – рече Савески.
Тој потврди дека не само што ќе се обиде да го пренесе овој пристап во Јавното обвинителство, туку и дека тоа ќе биде негов начин на воспоставување стандарди на постапување.
Во врска со тоа дека домашната јавност секој куќен притвор го доживува како заговор за политичка или друг тип поддршка, Савески дека ја анализирал таа перцепција и смета дека веројатно се должи на сите претходни одлуки коишто ги носеле Јавното обвинителство или судството.
– Меѓутоа, токму и затоа сакав да го објаснам мојот став на вака подетален начин, за да разбере јавноста дека мерката притвор не оди секогаш со секое поднесување на обвинение или отворање на истрага – рече тој.
Во врска со тоа како да се спречат бегства, државниот јавен обвинител рече дека можат многу ефикасно да се спречат со гаранции.
– Гаранциите се доста ефикасна мерка за обезбедување присуство. Тоа е мерка којашто упатува токму на моиве ставови коишто претходно ги изразив. Доколку некој побегне, а оставил гаранција – тој имот, недвижен или подвижен имот, како и да е, има одредена вредност. Таа вредност, доколку побегне, останува сопственост на нашата држава. Имаме финансиска состојба за којашто треба да водиме сметка – тие финансиски средства, тој капитал, со продажба станува дел од буџетот и е на располагање на сите граѓани, вклучително и на правосудните институции – вели Савески.
Почестата употреба на гаранцијата како мерка за обезбедување присуство наместо притворот, смета Савески, нема да придонесе за повеќе бегства особено од богатите, кои можат да си дозволат да ја остават гаранцијата. Според него, висината на гаранцијата се определува сообразно со висината на богатството.
– Тој што создал капитал, логично е да се претпостави дека сака и да го задржи – вели државниот обвинител Савески.