Претседателката Сиљановска Давкова не го прекрши Преспанскиот договор
Треба да биде јасно дека сите ние, вклучувајќи ја и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, надвор од доменот на службената употреба на новото официјално име на државата, секогаш и во сите пригоди можеме слободно да го употребуваме нашето историско име „Македонија“ и придавките изведени од тоа име. Сиљановска Давкова вети дека ќе ја користи таа слобода и јас ја охрабрувам да го исполни тоа ветување.
Дали претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги прекрши Преспанскиот договор и Уставот?
Не.
Еве ги моите аргументи.
За почеток, три ноторни и проверени факти:
Прво, на таблата на Вилата „Водно“, каде што се работните простории и резиденцијата на шефот на државата, пишува „Претседател на Република Северна Македонија“.
Второ, во Уверението што го доби Сиљановска Давкова, пишува „Република Северна Македонија“.
Трето, во текстот на заклетвата што го потрпиша претседателката, а го прочита собранискиот спикер, пишува „Република Северна Македонија“.
Значи, во своето официјално својство, Гордана Сиљановска Давкова се претстави како претседателка на државата со новото официјално име запишано во Преспанскиот договор и во Уставот.
Ниту тие два, а ниту еден друг правен акт, не ја обврзува претседателката при говорењето во секоја прилика и во секоја реченица да ги употребува целото официјално или скратеното официјално име на државата.
Тоа не го прави ниту еден друг претседател, премиер, министер или државен функционер на било која држава. Не го прават ни Грците, на пример. Официјалното име на Грција е Hellenic Republic на англиски јазик или Ελληνική Δημοκρατία на грчки јазик. Грчките државни функционери најчесто го употребуваат скратеното име Greece. И никој на тоа не им забележува.
Патем речено, нека остане забележано дека во својата остра реакција на Икс (поранешен Твитер), премиерот Киријас Мицотакис нашата земја ја ословува со името „Скопје“. Јас лично и во тоа не гледам проблем, бидејќи надвор од доменот на употребата на официјалните имиња на државите, многу често имињата на главните градови се користат како синоними за имињата државите: Скопје за Македонија, Атина за Грција, Софија за Бугарија, Вашингтон за САД, Москва за Русија итн.
Да не заборавиме дека во изборната кампања, тогашниот претседател Стево Пендаровски и доскорешниот премиер Димитар Ковачевски, не ја употребуваа придавката „Северна“ и „патриотски“ својата земја ја ословуваа со името „Македонија“. Тогаш тоа не им пречеше ни на Атина, ни на Софија, а богами ни на Брисел. Сите тие помалку или повеќе отворено навиваа за СДСМ и за ДУИ, но ете, народот во Македонија одлучи поинаку.
Но, ајде да расчистиме што вели Преспанскиот договор.
Членот 1, во точката 3, став „а“, вели дека „Република Северна Македонија“ ќе биде „официјалното име на Втората страна“ од Договорот. Тоа официјално име (како и скратеното официјално име „Северна Македонија“) ќе се употребуваат erga omnes, што ќе рече и во меѓународниот и во домашниот правен промет.
Понатаму, Преспанскиот договор прецизно ги набројува сите договорени елементи на официјалната употреба на новото име: во државјанството, патните документи и во сите други лични документи; во сите релевантни меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, вклучително и на сите состаноци и во вкупната кореспонденција и во сите нивни билатерални односи со сите држави – членки на Обединетите нации; во сите нови службени документи, кореспонденција и релевантни материјали; итн.
Секој што мисли дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова е обврзана во своето говорење секогаш да ги употребува имињата „Република Северна Македонија“ и „Северна Македонија“, прво нека го прочита Преспанскиот договор на овој линк и прецизно нека посочи во кој дел од овој акт го пишува тоа.
Јас, како поддржувач на Преспанскиот договор – знам дека на многумина тоа не им се допаѓа, но го немам сменето мислењето за тој акт – тврдам дека такво нешто, едноставно, не постои!
Екстензивното толкување на овој договор е дело на владите на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски, кои самите себеси се присилуваа, а и другите околу себе ги присилуваа, во секоја пригода, како папагали, да го употребуваат новото официјално име на државата, веројатно мислејќи дека така му се додворуваат на меѓународниот фактор. Уште повеќе, преку својата пропагандна машинерија, тие се обидоа да ја сменат и придавката „македонски“ во „северномакедонски“ и така, всушност, да ги преименуваат и македонскиот народ и македонскиот јазик.
Јас повеќе пати до сега пишував дека нема основа за таа погубна пракса и дека мора да се почитува и јазичната норма, која во цивилизираните држави има сила на закон.
Ако ги прашате Германците, на пример, зошто новото официјално име на нашата земја го преведуваат како „Nordmazedonien“, тие ќе ви објаснат дека таква е јазичната норма во германскиот јазик и таа налага при преводот придавката „северна“ и името „Македонија“ да се спојат. Крај на приказната!
Но, нашиот јазик исто така има јазична норма. Многу пати сум пишувал за таа синтаксичка норма, но сепак ќе си земам слобода да ја повторам.
Името „Република Северна Македонија“ е именска фраза. Именска фраза (група, синтагма) е група зборови без прирок, чиј главен дел е именката или некој друг заменски збор. Именската група (фраза) има центар (или глава), која може да ја претставува целата фраза, односно може да стои без другите додатоци. Така, на пример, во фразата „нашите мали добри деца“, центар на фразата е именката „деца“, бидејќи само тој може да ја претставува целата фраза.
Центар или глава на фразата „Република Северна Македонија“ е именката „Македонија“. Само тој збор може да стои самостојно и да ја претставува целата фраза. Некои писмени идиоти тоа го разбираат, па затоа се обидуваа преку спојување на придавката „северна“ со името „Македонија“, да сковаат нова придавка „северномакедонски“, за така да го избришат името „Македонија“. Најголемиот идиот меѓу нив, пак, својата држава навредливио ја нарекува „Нордот“, трудејќи се тој негов лудачки обид за деноминирање да биде видлив од авион.
Да заклучам.
Обврска на Гордана Сиљановска Давкова е да ги почитува Уставот и ратификуваните меѓународни договори, кои станале дел од домашниот правен поредок со чинот на ратификација. Јас сум убеден дека таа токму тоа и ќе го прави. Како и во овој случај.
Обврска на секој од нас е да ги почитуваме Уставот и законите. И јас навистина немам никаков проблем со тоа и кога станува збор за Преспанскиот договор.
Но, екстензивното толкување на овој договор е неприфатливо. Ограничувањето на слободата на говорот, загарантирана со член 16 од Уставот, исто така е неприфатливо. Сиот тој инженеринг е неприфатлив.
Треба да биде јасно дека сите ние, вклучувајќи ја и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, надвор од доменот на службената употреба на новото официјално име на државата, секогаш и во сите пригоди можеме слободно да го употребуваме нашето историско име „Македонија“ и придавките изведени од тоа име.
Сиљановска Давкова вети дека ќе ја користи таа слобода и јас ја охрабрувам да го исполни тоа ветување.
Да се каже „Македонија“ денес е не само изблик на гордост и на достоинство, туку и прашање на елементарна пристојност.
ПС. Не сакам да инсистирам, но ќе забележам дека единствената институција која формално и грубо го крши Преспанскиот договор е Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Оваа партија, како и другите партии, добива пари од државниот буџет за изборните кампањи и по таа основа, според словото на Преспанскиот договор, мора да си го смени името. Или, таа може на кратенката СДСМ да ѝ даде ново име – на пример, Социјалдемократи на Северна Македонија. Очекувам реакции од Атина и од Брисел на оваа тема.