ПРЕГОВОРИТЕ НЕ НИ ЗАПОЧНАА БЛАГОДАРЕНИЕ НА СДСМ И ДУИ Муцунски одговори на обвинувањата на Филипче
Венко Филипче денеска повторно зборуваше за преговорите со ЕУ, како тие да се блокирани. Но, вистината е тажна и едноставна – благодарение на СДСМ и ДУИ, тие преговори не можат да бидат блокирани, затоа што никогаш и не започнаа, пишува министерот за надворешни работи во исцрпна реакција кон обвинувањата на лидерот на опозициската СДСМ.
Преговорите не се блокирани, тие никогаш не се ни отпочнати поради СДСМ и ДУИ, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во реакција кон лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче кој обвини дека власта не прави ништо за деблокада на интеграцијата.
„Венко Филипче денеска повторно зборуваше за преговорите со ЕУ, како тие да се блокирани. Но, вистината е тажна и едноставна – благодарение на СДСМ и ДУИ, тие преговори не можат да бидат блокирани, затоа што никогаш и не започнаа.
Од нас нема да слушнете големи зборови без покритие и празни чекори во сегашноста. Нашата задача не е да нудиме изговори, туку резултати. Затоа ја движиме државата напред – таму каде што ѝ припаѓа: во Европа. И тоа не е слоган, туку реалност што ја градиме преку конкретни проекти: бесплатен роаминг за нашите граѓани во ЕУ, зелени ленти за нашите превозници, пристап до европскиот единствен систем за плаќање, партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ. Тоа се вистински реформи, а не празни флоскули.
Оттука, Венко е во право: зборувам и работам и за поевтин роаминг за македонските граѓани. Но, зборувам и за зачуван идентитет, достоинство и гордост. И да, не зборувам за виткање кичма, за администратори, за договори под маса, за прифаќање уцени или ултиматуми, како што тие го правеа тоа. Тука има разлика – и граѓаните ја гледаат таа разлика.
И токму затоа ја повикувам опозицијата да дејствува рационално и разумно. Да не штети на европскиот процес, туку да помогне преку реформите дома. Затоа што ова не е борба за лични или партиски интереси. Ова е борба за граѓаните, за државата, за иднината. И ќе напредуваме само ако сите заедно ги ставиме државните пред партиските интереси“, наведува Муцунски во реакцијата објавена на неговиот фејсбук профил.