Право на вето или федерализација на ЕУ
Колку што е познато, никој во изминатите дваесетина години не се потрудил да ги натера грчките лидери да излезат од салата и да се напијат кафе, па така да се воздржат и да го прескокнат проблемот со името на нивниот северен сосед, секако во интерес на забрзувањето на регионалното вклучување во европските интеграции.
Со оглед на тоа дека земјата биеше воздржана, наместо да гласа против поранешната спогодба, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеф Борел, смета дека Унгарија не би требала да биде вклучена во идните разговори. Такво мислење изнесе деновиве Борел, во врска со тоа дека Унгарија порано се спротивставуваше со ставање вето во врска со користењето на замрзнатите средства на руската централна банка, за купување оружје и друга поддршка за одбраната на Украина.
Правото на вето е вистинска „светост“ за секоја ЕУ-членка, но, ете, решение како да се заобиколи ветото на Унгарија, со јасно демонстрирана преговарачка волја, и, се разбира, со силен притисок, е сепак најдено. Силата на повисоките, колективни интереси и „неприкосновеното“ право на вето понекогаш тешко се изедначуваат на терезија.
Темата, значи, беше како да се изнајдат начини да се заобиколи Унгарија да не ја кочи ЕУ. Владата на Виктор Орбан, патем речено, блокира голем број одлуки на ЕУ во надворешната и безбедносната политика, и тоа не само кога станува збор за поддршката за Украина.
Меѓу предлозите е актуелизирано и користење на клаузули во ЕУ-договорот што би ја овозможиле „посакуваната“ промена на барањето за едногласност, со примена на квалификувано мнозинство, како и бојкотирање на министерските состаноци за време на претстојното унгарско претседавање со ЕУ, па дури и продолжување со постапката од член 7 против земјата, што на крајот може да доведе до тоа Унгарија да биде лишена од право на глас во Советот на министри на ЕУ.
Напородено со тоа во тек е, како што тоа обично се случува, и трговија околу строгите барања. Унгарската влада ветила дека ќе го повлече своето вето против одлуките на ЕУ во замена за ослободување на замрзнатите 6,3 милијарди евра помош од ЕУ, поради критиките во однос на кршењето на демократските принципи во Унгарија. Но, како што се тврди од повеќе извори, таква нагодба била отфрлена од страна на ЕУ.
Спротивставувајќи се на обидите за засилување на федералистичките тенденции во ЕУ, голем број земји-членки изразија несоглаасување и недоумици откако Шолц и Макрон, како лидери на двете најмоќни ЕУ-членки, пред извесно време се заложија за можно ограничување на правото на вето во Унијата во областа на надворешно-политичките прашања, а во интерес на реформските зафати за ефективизрање на процесите на одлучување. Но, како што се гледа, нема никакво сомневање дека ветриштата што дуваат од Брисел, сепак, кога „нуждата“ го налага тоа, можат да го издуваат ветото во некој затемнет ќош во сутеренот на седиштето на ЕУ.
Ветото, употребено како ефикасен инструмент за притисоци и уцени, наоѓа многу подецидна примена во други делови на Европа, како, на пример, на Балканот, за кој зачудува фактот дека Брисел веќе со децении покажува пононшалантен и непринципиелен однос. Важноста на заедничките европски интереси, за жал, нема секаде еднкава тежина. Се чини дека никој на сличен начин не се обидувал да го „заобиколува“ бугарскиот претседател Радев, за да се изврши притисок Софија да се воздржи при гласањето за отворање на пристапните прегевори на Македонија за членство.
Сосема е јасно дека токму правото на вето мошне често ја парализира подготвеноста на ЕУ за дејствување и на таков начин ја држи како заложник поради одделни национални интереси. Насекаде во Европа може да се слушне дека ЕУ се соочува со мошне сериозни безбедносно-политички состојби и дека затоа мора да стои „силна и обединета“. Тоа, се разбира, звучи добро. Но проблемот е всушност во тоа што „силна“ и „обединета“ одвај може да се комбинираат со начинот на кој ЕУ ја манифестира својата готовност за акција. Секоја од 27-те членки љубоморно го чува своето право на вето во однос на секоја поважна одлука на меѓународен план. Со таков заеднички именител (читај: црвен картон) е тешко да се управува гломазен систем каков што е ЕУ, бидејќи станува тромав и спор. Неефикасен.
Земји кои најчесто ја ставаат целата ЕУ во позиција на заложник се Грција и Кипар, како и Унгарија, а во последно време во таа улога се „прослави“ и Бугарија. Кога една ЕУ-членка посегнува по вето во меѓународната политика, тоа најчесто се случува со цел да ги принуди најмоќните членки да ги признаат токму нејзините стратегиски интереси. Пред неколку години Кипар стави вето на плановите на ЕУ да воведе санкции против Белорусија. Но самиот Кипар во тој период беше соочен со сопствена криза. Турција вршеше тестирање на проток на гас во бушотини во кипарски води, при што Кипар бараше најмоќните ЕУ-членки да извршат притисок на Турција, а во таков случај Кипар би го тргнал ветото и би ѝ дозволил на ЕУ да го казни Лукашенко.
Правото на вето, посебно кога се користи, односно злоупотребува, за понижување, заплашување и вршење непринципиелни притисоци, веќе подолго време предизвикува иритираност. Дебатата околу негово укинување сигурно ќе се засили во наредниот период. Ќе продолжат и заложбите за јакнење на европскиот суверенитет. Но за тоа да биде можно, извесни жртви сепак ќе мора да бидат направени токму на штета на националниот суверенитет. Со фрлање на „црвениот картон“ во корпа за отпадоци.
Унгарија е единствената ЕУ-членка која експлицитно се изјаснуваше против членството на Украина во ЕУ, а на 1 јули ќе го преземе ротирачкото претседателство со Унијата. Многумина побрзаа да констатираат, како, на пример, шведската министерка за европски прашања, Џесика Розвал, дека токму шестмесечното унгарското претседателство е „важна причина“ зошто деновиве беше забрзано донесувањето на одлуката за почеток на унгарските преговори за членство. Посуштински преговори со Украина, според Розвал, всушност се очекува да започнат во текот на полското претседателство со ЕУ од 1 јануари идната година. Така, операцијата на заобиколување на ветото на Будимпешта се приведува кон успешна завршница.
Колку што е познато, никој во изминатите дваесетина години не се потрудил да ги натера грчките лидери да излезат од салата и да се напијат кафе, па така да се воздржат и да го прескокнат проблемот со името на нивниот северен сосед, секако во интерес на забрзувањето на регионалното вклучување во европските интеграции. Бугарското и грчкото вето се токму најсилната карта извадена од ракавот, која го решава исходот на играта во нивна полза. Улогата на ЕУ тука се сведуваше главно на пасивен набљудувач. Досега во Брисел само Орбан беше истуркан да пие кафе во ходникот пред салата за состаноци, изнесувајќи го со себе и ветото, потпикнато како стара хартија во задниот џеб.