ПРАТЕНИЦИТЕ СЕ ПОДГОТВЕНИ НА КОНСЕНЗУС ЗА НОВ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК Седницата за буџетот за 2026 година закажана за 9 декември

Со измени или со ново Изборен законик треба да се надминат сите проблеми што досега се евидентирани во изборните процеси - препораките на ОБСЕ, начинот на финансирање на кампањата, начинот на кандидирање на независни кандидати, цензусите, предвремената кампања, но и темите како изборниот модел или организирање во една изборна единица, сите прашања во врска со изборите се очекува да бидат опфатени, вели Гаши.

698

Потребни се или измени на Изборниот законик или да се донесе целосно нов закон, информира претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите. На денешната координација на пратеничките групи во Собранието, информира Гаши, сите се согласиле дека треба да разговараат со цел консензуално да се донесат новите законски решенија.

Тој потенцираше дека ако од Владата стигне предлог за нов Изборен законик, тогаш Собранието ќе го стави во процедура.






Во измените на ИЗ или со новото законско решение треба да се надминат сите проблеми што досега се евидентирани во изборните процеси, без разлика дали се работи за парламентарни, претседателски или локални избори. Препораките на ОБСЕ, начинот на финансирање на кампањата, начинот на кандидирање на независни кандидати, цензусите, предвремената кампања, но и теми како изборниот модел или организирање во една изборна единица – сите прашања во врска со изборите се очекува да бидат опфатени, вели Гаши.

Во врска со распишувањето на локалните избори во четирите општини каде не беше постигнат законскиот цензус од една третина излезност, Гостивар, Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше, претседателот на Собранието Гаши рече дека ќе одржи консултација со Државната изборна комисија, затоа што има нејаснотии околу рокот за распишување. Според Изборниот законик, повторените избори треба да се распишат во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори, но дилемата на Гаши е дали тие 60 дена се бројат од конечноста на резултатите во првиот круг, кога ДИК констатираше дека во 4 општини не е постигнат цензусот или по конечните резултати после вториот круг.

Претседателот Гаши информираше и дека на 15 јануари 2026 година истекува мандатот на актуелниот состав на ДИК, што се поклопува со времето кога треба да се одржат повторените избори во четирите општини. Гаши вели дека е во комуникација со ДИК за решение на ситуацијата. Според законот, мандатот на член на ДИК трае 5 години, до избор на нов член и со оваа формулација „до изборот на нов“ ќе се продолжи мандатот на актуелните членови додека завршат изборите во четирите општини.

Претседателот на Собранието соопшти и дека предлог-буџетот за 2026 година ќе се разгледува на пленарна седница на 9 декември, а овластените предлагачи ќе можат да достават амандмани до 10 ноември.

 

Поврзани содржини