ПОВИСОКИ НАДОМЕСТОЦИ ЗА ИЗБОРНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА Еве кој колку ќе се омрси

Само членовите на ДИК нема да земат посебни надоместоци покрај платите.

1,840

ДИК донела одлука да го зголеми надоместокот за целокупниот состав на општинските изборни комисии за 6.000 денари.

Со тоа, во најмалите општински изборни комисии, кои во својот состав имаат до 20 избирачки одбори, претседателите ќе добиваат вкупно по 26.000 денари за целиот изборен процес. Во општинските изборни комисии, кои имаат од 21 до 40 избирачки одбори во својот состав, надоместокот за нивните претседатели ќе изнесува 36.000 денари. За општинските изборни комисии кои имаат од 41 до 70 избирачки одбори, надоместокот на претседателите ќе изнесува 46.000 денари. За општинските изборни комисии со од 71 до 100 избирачки одбори, претседателите ќе добијат 56.000 денари, а во општинските изборни комисии од 101 до 130 избирачки одбори претседателите ќе имаат надомест од 61.000 денари.






Во само неколку ОИК, кои имаат над 131 избирачки одбор, нивните претседатели ќе добијат надомест од 66.000 денари за целокупниот ангажман во изборниот процес за локалните избори.

Исто така, ќе биде зголемен и надоместокот на сите членови на избирачките одбори, целокупниот состав, претседатели, заменик-претседатели, членови и заменик-членови.

Така, за гласачки места каде има запишано до 100 гласачи, претседателите на избирачките одбори досега земаа по 3.120 денари за еден изборен круг, а сега ќе земаат по 4.000 денари. Претседателите на избирачките одбори каде има запишано од 101 до 300 избирачи на последните предвремени парламентарни избори земаа по 3.240 денари, а сега ќе земаат по 4.500 денари за еден изборен круг. Претседателите на избирачките одбори каде има запишано од 301 до 600 гласачи досега земаа по 3.360 денари, а сега ќе земаат по 5.000 денари за еден изборен круг. Претседателите на избирачките одбори со запишани гласачи од 601 до 800 досега земале по 3.480 денари, а сега ќе земаат по 5.500 денари. И претседателите на избирачките одбори каде има запишано над 801 гласачи досега земале 3.600 денари, а сега ќе земаат по 6.000 денари за еден изборен круг.

За избирачките одбори кои се дефинираат како посебни избирачки одбори, составени од тројца членови, кои ќе го спроведат гласањето во домашни услови на лицата кои се позитивни на ковид-19, односно се во изолација, секој член за еден избирачки круг ќе добие по 6.000 денари.

Членот на ДИК Борис Кондарко соопшти дека во Правилникот се регулирани и критериумите за надоместоци кои треба да ги добие изборната администрација, односно лицата ангажирани во помошните тела на ДИК. Нивниот надомест ќе биде во висина на една просечна плата во земјава, определена за август, кога се распишани локалните избори. Тоа се однесува за секој месец оделно, од распишување на изборите до објавување на конечните резултати. Во деновите кога лицата не извршувале работни обврски во ДИК, нема да се пресметува надомест.

Тој потенцира дека членовите на ДИК и на овие избори нема да земат дополнителен надомест, освен нивната плата.

Членовите на ДИК разгледале и отфрлиле два приговора за предвремено почната изборна кампања, поднесени од анонимен подносител и од Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Поврзани содржини