ПОВЕЌЕ ОД 40 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО 2026 ГОДИНА Во план е да се вработат 10.000 невработени

Според директорот на Агенцијата за вработување, оперативниот план е конкретен чекор кон подобрување на можностите за работа и градење поинклузивен пазар на трудот. 

37

Повеќе од 40 милиони евра се обезбедени преку оперативниот план за вработување за 2026 година за поддршка на вработувањето, претприемаштвото и развојот на човечкиот капитал. Со планот се очекува да бидат опфатени над 10.000 граѓани. Посебен фокус е ставен на младите.

– Со овој план инвестираме директно во луѓето. Обезбедуваме конкретна поддршка за младите што сакаат да почнат сопствен бизнис, за компаниите што отвораат нови работни места, за лицата што имаат потреба од нови вештини и квалификации, како и за ранливите категории граѓани. Нашата цел е економскиот раст да се преточи во нови можности за работа и подобар животен стандард – истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Агенцијата за вработување, Аднан Ејуп.






Посебен акцент во оперативниот план е ставен на развојот на претприемаштвото и самовработувањето. За оваа намена предвидена е поддршка за над 2.000 лица преку мерките за самовработување, вклучително и за млади лица до 29 години, лица над 29 години и здружување корисници во трговски друштва. Преку овие мерки се обезбедуваат грантови до 615.000 денари за основање сопствен бизнис, како и поддршка до 1.230.000 денари за здружување повеќе корисници во заеднички бизнис.

Годинава се воведуваат и нови мерки, меѓу кои програмата за обука и работно ангажирање пожарникари, пилот-мерката за валидација на стручни квалификации на невработени лица, како и пилот-мерката за стручни квалификации во областа на транспортот и тешките товарни возила во согласност со потребите на пазарот на трудот.

Според директорот на Агенцијата за вработување, оперативниот план е конкретен чекор кон подобрување на можностите за работа и градење поинклузивен пазар на трудот.

– Овој документ содржи мерки и активности за подобрување на работливоста, особено кај младите. Мерките се приспособени на потребите на нашето општество и економијата и тие се резултат на долгогодишните анализи и консултации на сите засегнати страни – рече директорот Ејуп.

Носител на оперативниот план е Министерството за економија и труд, а неговата имплементација ќе ја спроведува Агенцијата за вработување во соработка со надлежните институции и партнери.

Поврзани содржини