ПОТВРДЕНИ 44 СЛУЧАИ СО ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА Петмина починати, 25 пациенти се отпуштени од болница
Клековски упати апел до граѓаните доколку забележат симптоми, како висока температура, вкочанет врат, дезориентација, слабост или грчеви, веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
Потврдени се вкупно 44 случаи на западнонилска треска досега, од кои 43 се хоспитализирани, а повеќето од нив биле со невроинвазивна форма на болеста, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски, кој ги посети Клиниката за инфективни болести и Институтот за јавно здравје, каде што се сретна со медицинскиот персонал вклучен во справувањето со епидемијата на западнонилската треска.
Тој упати апел до граѓаните доколку забележат симптоми, како висока температура, вкочанет врат, дезориентација, слабост или грчеви, веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
– Системот е подготвен и здравствените работници ја имаат нашата целосна поддршка во справувањето со западнонилската треска како јавноздравствен предизвик. При денешната посета на овие установи направив увид во капацитетите со кои располагаат од аспект на капацитети за хоспитализација, кадровска опременост, како и лабораториските реагенси за испитување – рече Клековски.
Од почетокот на епидемијата досега 21 пациент е отпуштен од болница и упатен на домашно лекување, уште четворица пациенти денес се отпуштаат, а вкупно пет лица се починати.