📽️ ПОТПИС НА НОВИОТ ПОРЕДОК, СИБИР 2 И „НЕСПОРЕДЛИВО НИВО“ Путин стигна кај Џинпинг 4 дена откако замина Трамп

Рускиот претседател ја започнува дводневната посета на Кина со пораки за „неспоредливо високо ниво“ на односите меѓу Москва и Пекинг. Средбата доаѓа само неколку дена по разговорите на кинескиот лидер со шефот на САД кој исто така беше во посета на Пекинг.

85

Претседателот на Русија Владимир Путин денеска пристигнува во дводневна официјална посета на Кина, каде ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг.

Во Пекинг со него пристигнува и моќна руска делегација составена од министри, шефови на енергетски компании и високи функционери, меѓу кои и гувернерката на Руската централна банка, Елвира Набиулина.






Во делегацијата се и претставници на „Газпром“ и „Роснефт“.

„Мултиполарен светски поредок“

Според најавите од Кремљ, Путин и Си ќе разговараат и за регионални и глобални прашања.

Се очекува потпишување на заедничка декларација за „мултиполарен светски поредок“, како и десетици договори во индустријата, транспортот, трговијата и градежништвото.

Средбите се претставуваат како продолжение на „привилегираното стратешко партнерство“ меѓу Москва и Пекинг.

 

 

„Неспоредливо високо ниво“

Пред посетата, Путин испрати видео-порака до кинеските граѓани во која ги пофали односите меѓу двете држави.

– Радосен сум што повторно го посетувам Пекинг на покана на мојот долгогодишен пријател Си Џинпинг – порача Путин.

Рускиот претседател оцени дека односите меѓу Москва и Пекинг се на „неспоредливо високо ниво“.

– Нашето пријателство не е насочено против никого, туку кон мир и заеднички просперитет – изјави Путин.

Тој нагласи дека Русија и Кина сè поинтензивно соработуваат во политиката, економијата, одбраната и хуманитарната сфера.

 

„200 милијарди долари“

Путин откри дека трговската размена меѓу двете земји веќе надминала 200 милијарди долари.

Според него, најголемиот дел од трансакциите веќе се реализираат во рубљи и јуани.

Рускиот лидер ја поздрави и безвизната размена меѓу двете држави, оценувајќи дека тоа ќе донесе дополнителен туристички и економски раст.

Гас, санкции и „Силата на Сибир 2“

Советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, најави дека енергетиката ќе биде една од главните теми на разговорите.

На маса ќе се најде и гасоводот „Силата на Сибир 2“, преку кој Русија сака дополнително да ги зголеми испораките на гас за Кина.

Кремљ отворено признава дека западните санкции поради војната во Украина ја направиле Кина уште поважен економски партнер за Москва.

„Путин ќе зажали за Украина“

Посетата на Путин доаѓа само неколку дена по средбата меѓу Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп.

„Фајненшл тајмс“ објави дека Си за време на разговорите му рекол на Трамп дека Путин „можеби ќе зажали“ за инвазијата врз Украина.

Според извори на весникот, кинескиот лидер бил подиректен отколку во претходните разговори со американски претседатели кога станувало збор за војната.

Војната во Украина трае четврта година.

„Да работиме заедно против МКС“

Истиот извештај тврди дека Трамп предложил САД, Кина и Русија заеднички да се спротивстават на Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Белата куќа официјално не ги коментираше тие информации.

Администрацијата на Трамп претходно повеќепати го обвинуваше МКС за политизација и пречекорување на надлежностите.

Поврзани содржини