Поскапеа молекуларните тестови во клиниката „Жан Митрев“

Сега наместо 1.500 денари, пациентите ќе треба да платат 3.950 денари доколку сакаат да се тестираат за ковид-19.

1,327

Тестирањето од ковид-19 во приватната клиника „Жан Митрев“ доби значително поголема цена, па сега наместо 1.500 денари, пациентите ќе треба да платат 3.950 денари, стои во соопштението од клиниката.

– Последователно ги зголемивме нашите капацитети од 30 тестови дневно на 300 тестови дневно, и тоа преку четирикратно зголемување на персоналот во лабораторијата, преку набавка на три нови роботи за автоматска ДНК/РНК екстракција (вкупен број 4), набавка на нови кабинети за подготовка на реагенси за PCR анализата и нови кабинети кои овозможуваат висока заштита од штетни биолошки агенси, нови машини за RT-PCR (вкупен број 2) и нови типови на лична заштитна опрема – велат од „Жан Митрев“.






Оттаму додаваат дека тие ја следеле состојбата со коронавирусот уште во Кина, па Лабораторијата за Генетика и Персонализирана Медицина уште на крајот на месец јануари почнала со подготовка на нејзините капацитети за детекција на новиот коронавирус (SARS-CoV-2) со RT-PCR метода, која според нив е едиствената метода за детекција на вирусот која е препорачана од СЗО.

– Иницијално, имплементацијата на анализата во нашата лабораторија беше со цел тестирање на предоперативните пациенти во „Zan Mitrev Clinic“, како дополнителна заштитна мерка и за пациентите и за персоналот во самата клиника. Цената на тестот која што беше одредена соодветствуваше токму на тие потреби. Меѓутоа, со навлегувањето на оваа вирусна пандемија длабоко во секоја пора на државата, „Zan Mitrev Clinic“ се стави во служба на граѓаните и директно започна да учествува во масовниот скрининг за новиот коронавирус на национално ниво – се вели во соопштението.

Големата побарувачка на тестови и дефицитот на потрошен материјал на светско ниво, се причината трошоците за извршување на еден тест драстично да се зголемат, па поради тоа и цената на тестот стана неодржлива со што било загрозено учеството на клиниката и нивниот придонес во целата кризна и вонредна ситуација.

– Па така, назначена комисија од Министерството за здравство изврши неколку увиди во целосната работа на лабораторијата и сите процеси во истата, при што конечен извештај беше доставен до ФЗО на РСМ. Во најбрзо време се очекува нашата лабораторија да почне да функционира во мрежата на здравствени услуги на РСМ – велат од „Жан Митрев“.

Од клиниката велат дека одредувањето на новата цена се базира на новите трошоци и на ценовникот на услуги препорачан од ФЗО за детекција на респираторни вируси со RT-PCR метода (пр. МО2/1 – 3000 ден и МО7/6 – 5500 ден) и истата ќе изнесува 3950 ден за сите приватни пациенти.

Старата цена ќе биде важечка за сите оние пациенти коишто веќе имаат букирано термин за тестирање на ковид-19.

Поврзани содржини