ПОШТАРИТЕ ЌЕ ЈА НОСАТ ПЕНЗИЈАТА ДО ДОМА Оваа привилегија ќе ја имаат пензионерите на Халк банка и НЛБ банка
Пензионерите кои сакаат да ја користат оваа услуга ќе треба само да отворат сметки во една од двете банки со кои соработува Пошта и да ги пополнат формуларите за тоа дека сакаат да ја примаат пензијата на домашна адреса.
Пошта повторно ја воведува услугата пензија до дома. Информацијата на социјалните мрежи ја сподели генералниот директор Јани Макрадули кој ги објави и провизиите.
Макрадули вели дека Пошта има најниски провизии од сите на финансиски институции на пазарот.
„Пошта е партнер на Халк банка и НЛБ Банка за исплата на пензиите дома. Оваа услуга ја покрива целата територија на државата, а се носат пензии во различни суми. Надоместокот за исплата на пензии до 5.000 денари е 70 денари. За тие од 5.001 до 9.000 денари е 100 денари. Провизијата за суми од 9.001 до 15.000 денари е 130 денари, а за пензиите над 15.001 денар изнесува 160 денари“, информира Макрадули на Фејсбук.
Пошта од неодамна воведе и услуга „кеса на адреса“ која се реализира преку поштата во трговскиот центар „Ист гејт мол“.