Португалија ќе ги ислуша Скопје и Софија за да ги разбере двете страни
Мојата цел е да разговарам интензивно со владите и на Северна Македонија и на Бугарија, рече португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, чија земја го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јануари.
Португалија ќе се обиде да ги организира првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија во првата половина од годинава, изјави португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, чија земја го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јануари.
Силва на онлајн брифинг за новинарите, како што пренесува Бугарското национално радио, истакна дека отворањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана е меѓу приоритетите на португалското претседателство.
Тој посочи дека ЕУ досега испорачала многу барања до Северна Македонија. Земјата мораше да спроведе голем број многу важни реформи, па дури и да го смени своето име.
– Тие ја завршија својата работа. Сега е време ние да го завршиме нашето – нагласи Сантош Силва.
Тој најави дека португалското претседателство преку разговори со двете страни ќе настојува да се надминат недоразбирањата меѓу Софија и Скопје.
– Сега имаме нова ситуација – прашањата поставени од Бугарија. Мојата цел е да разговарам интензивно со владите и на Северна Македонија и на Бугарија. Бидејќи е многу важно внимателно да ги слушнете аргументите на другата страна. Кога тоа ќе се направи, лесно може да се разбере дека постои заедничка основа врз која може да се работи – заклучи шефот на португалската дипломатија.