ПОРТПАРОЛОТ НА ВМРО-ДПМНЕ Е ВО СКОПЈЕ, СДСМ МУ ВАДИ СТАРА ФОТКА Семејството Арсовски било со бебето во Монте Карло, ама кај блиски роднини и за ич пари
Ако толку ги интересира, бидејќи на таа локација бев неколку дена и тоа на гости кај дедо на сопругата, морам да им потенцирам дека не потрошив повеќе, отколку еден просечен одмор на било кој функционер на власта и СДСМ, вели Арсовски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски вели дека фотографијата од него со сопругата во Монте Карло е стара и дека тој во моментов не е на луксузно летување, како што го обвинија од СДСМ, туку е во Скопје.
„Гледам ме споменуваат СДСМ на прес-конференции дека сум на одмор во моментов. Да не ме мислат, не сум на одмор, во Скопје сум долго време со работни обврски и тоа го знаат и самите тие, бидејќи молчеа за цензурата на нивната министерка за која ги прозивав изминатиов период – вели Арсовски.
Тој објаснува дека станува фотографија снимена поодамна годинава.
„И бидејќи ги интересира моето патување таму, еве ќе им објаснам. Бев на приватно патување со семејството, на гости кај најблиски роднини од потесното семејство на мојата сопруга (нејзин дедо, татко на нејзин родител) кои живеат во Франција и сакаа да си го видат правнукот (син ми), бидејќи се повозрасни и со ковид-кризата и нивната возраст не го имаа видено откако се роди.
Бидејќи живеат повеќе од 50 години во Франција и стекнале имот таму, летниот период си го поминуваат кај нив, секогаш во изминативе 20 години, на местата кои ги споменуваат господава од власта дека сум ги посетил. Ако толку ги интересира, бидејќи на таа локација бев неколку дена и тоа на гости кај дедо на сопругата, морам да им потенцирам дека не потрошив повеќе, отколку еден просечен одмор на било кој функционер на власта и СДСМ.
Но, слика од мене и од сопругата во моментов на СДСМ им е поважна за да се дефокусира целата јавност од реалните проблеми, а тоа се: историски најлошо менаџирање на власта, историски највисок степен на корупција, распродавање на национални интереси, штетен протокол со Бугарија, наместени тендери од прв до последен за провизии на луѓе блиски од СДСМ, најзадолжена држава во регионот, најнеуспешна Влада што постоела, историски најниска доверба во судството од 8%, покачувањето на даноците, инфлацијата и задолжувањето, илјадници починато поради лошо здравство, од кое се обогатија со провизии крвавите раце на СДСМ.
Никогаш не сум имал намера да се објаснувам за ништо, но во моментов го правам тоа затоа што се работи за дефокус и за лага дека сум во моментов таму на одмор и дека се работи за луксуз и бидејќи мислам дека јавноста заслужува да знае каде сум бил, иако не сум носител на никаква државна функција и никогаш не сум бил и иако ова што го пишувам, тие што ме познаваат го знаат уште од моментот од кога сум во брак.
Ако мојата посета кај роднини е потрагична од сѐ што се случува во државава, тоа е доволен показател дека власта дефокусира од реалните проблеми. И, да, со напади кон мене лично и моето семејство во обид за деградирање без ниту еден аргумент, во ниту еден случај нема да ме замолчат. Затоа, од сега најавувам, многу набрзо јавноста ќе дознае за уште еден криминал на власта, криминал кој го имаат направено криминалците од СДСМ.
Мојот одмор чинеше ич пари, за разлика од милионите евра кои ги украдовте од народот, на криминален начин на кој ќе продолжам да се борам за да одговарате.
Воедно да им порачам да не бидат лицемери колегите од СДСМ, ваквите хајки што ги нарачуваат против мене, ги нарачуваат од луксузните плажи и луксузни хотели, платени со парите на народот. Има разлика нели?“.
Ова го напиша Арсовски на својот профил на Фејсбук.
Пратеникот на СДСМ Мартин Костовски денеска на прес конференција ги обвини, како што рече, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ дека се лицемери и лажговци.
– Додека наводно се загрижени за економскиот стандард на граѓаните, високи функционери на оваа партија летуваат на луксузни локации. Портпаролот Димче Арсовски, кој на прес-конференции глуми загрижен за економската состојба, својот летен одмор го минува во Монте Карло. Јавно објавени фотографии покажуваат дека тој заедно со сопругата се на плажата Ники во Монте Карло, монденско место на кое летува светскиот џет сет. Колку е скапо ова задоволство на Арсовски покажува и менито во ресторанот на плажата, каде една порција оброк достигнува и до 98 евра – изјави Коловски.